На седница на Владата денеска беше потпишан Кодексот за етичко однесување на носителите на јавни функции. По тој повод, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, беше назначен за следење и спроведување на новиот Кодекс.
Како што беше посочено на седницата, Кодексот не ги опфаќа само членовите на Владата, министрите, туку и сите други функционери назначени од Владата. Тоа ќе важи и за директорите на самостојни органи, директори и членови на одбори на јавни претпријатија, раководни лица во акционерски друштва во државна сопственост. Основната намена на Кодексот е обезбедување на отчетно и транспарентно работење на функционерите на извршната власт, односно градење на систем на интегритет и добро владеење.
Премиерот Зоран Заев изјави дека обврзувањето на Кодексот значи почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста и транспарентноста на Владата и на сите владини институции.
– Потписот е нашата согласност дека ги прифаќаме сите највисоки етички принципи за заштитата на човековите слободи и права, при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија – истакна Заев.
Со донесувањето на новиот Кодекс за етичко однесување, рече Заев, исполнета е и препораката на ГРЕКО за практично спроведување на Кодексот и Насоките преку посебен механизам, воведување на мерки за санкции и започнување на системско подигање на свеста за добро управување на лицата кои вршат највисоки извршни функции.
Николовски, кој беше именуван за одговорен за следење на спроведување на Кодексот, денеска на свеченоста се заблагодари за довербата.
Тој говореше за обврските за носителите на јавните функции. Една од нив е доставување на извештаи за службените трошоци на секои шест месеци. Овие извештаи ќе продолжат да се објавуваат на владината Алатка за отчетност, која ќе биде надградена за да ги опфати сите функционери именувани од Владата.
Понатаму, функционерите треба да ги објават сите податоци за својата работа и работата на својата институција на веб-страницата. Односно, сите извештаи за работење, планови за работа, ревизорски извештаи, списоци на вработени, завршни сметки, т.е. сè што е од интерес за граѓаните кога станува збор за работењето на институциите финансирани од буџетот. Доколку не го сторат ова, тие ќе одговараат не само согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, туку и пред Владата.
Кодексот предвидува и обврска за функционерите да имаат јавно објавен записник за средбите кои ги имаат со лоби организации и ќе бидат обврзани да го пријават секој сомнеж дека се во состојба на конфликт на интереси, и да побараат препораки.
Заедно со Николовски, спроведувањето на Кодексот, дополнително ќе го врши национален координатор за одговорно владеење и транспарентност.
Во случај на непочитување на одредбите од Кодексот, претседателот на Владата може изрази несогласување, односно официјална критика за однесувањето на лицето кое не го почитувало овој Кодекс и укажување да го поправи однесувањето при што истото може и јавно да се објави; политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување и/или покренување на иницијатива за информирање на надлежни институции.