Управата за финансиска полиција денес добила пријава со барање за финансиска контрола во Исламската верска заедница(ИВЗ). Од Управата демантираат дека веќе направиле увид во ИВЗ.
-Управата за финансиска полиција во целост ги демантира објавените информации во одредени медиуми дека на ден 23.04.2019 година од страна на овластени лица на Управата е извршен увид и контрола во просториите на Исламската верска заедница. Управата за финансиска полиција нема преземено никакви дејствија и активности со цел контролирање на финансиското работење на ИВЗ. Воедно ве известуваме дека на ден 24.04.2019 година примена е писмена пријава со барање за финансиска контрола во ИВЗ- соопштија од Управата.
Барањето за контрола на финансиското работење е по вчерашниот обид за преземање на власта во ИВЗ од страна на Скендер Бузаку. Тој тврди дека има правосилно решение врз основа на кое од денес е поглавар на ИВЗ. Бузаку најави дека денес ќе влезе во просториите на ИВЗ.