Министерот за здравство Венко Филипче денеска чекореше на Маршот за подигнување на свеста за ракот на дојка, настан насловен како „Напред розово“, кој по 10-ти пат се одржува во организација на Здружението за борба против ракот „Борка – за секој нов ден“ кој се одржа во Градскиот парк во Скопје.
На настанот, присуствуваа претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за економија Крешник Бектеши, амбасадорот на САД, Џес Бејли, госпоѓата Кејпи Полк Бејли и националната менаџерка за продажба во компанијата „Авон“, Марина Цигарида.
Во своето обраќање, пред стартот на маршот министерот Филипче истакна дека со денешното заедничко чекорење, на нашите блиски, семејства и пријатели, на пациентите им ја даваме максималната поддршка, на сите оние кои се соочиле и на сите оние кои се соочуваат со оваа болест, и додаде дека мораме сите ние да бидеме нивна поткрепа, да бидеме со нив и заеднички да се избориме за живот. Да излеземе победници!
-За жал, податоците говорат дека три до четири жени дневно заболуваат од рак на дојка. Имено, од системот пресметавме дека 1356 нови случаи се појавиле во 2018 година, кои не биле евидентирани во 2017, и ако се подели со денови во годината просекот е 3,7. Во периодот од 01.01.2017 година до 30.09.2018, во Националниот систем за електронски евиденции се евидентирани 60,787 прегледи за 8,157 пациенти заболени од малигна неоплазма на дојка. Најмладата пациентка има 17 години, а најстарата 97 години. Вкупниот број на жени со дијагностициран рак на дојка за кои во 2018 година е евидентиран преглед во Националниот систем е 6,200- потенцираше Филипче.
Тој во своето обраќање на настанот „Напред розово“ посочи дека кај жените најчестата причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2017 година е малигната неоплазма на дојка.
-Во 2010 година бројката изнесувала 308 жени, во 2015 изнесувала 281, 2016 – 338, додека пак во 2017 година намалена е стапката и изнесувала 279 жени. Одговорност наша, како институција и Влада е да им обезбедиме на сите граѓани квалитетна здравствена заштита, здравство кое лекува, но и здравство кое едуцира и превенира- посочи министерот Филипче.
Следејќи ги европските и светските насоки, почнувајќи од месец април 2015 година во соработка со кабинетите за мамографија во јавните здравствени установи (вкупно 29 на територијата на Македонија), Министерството за здравство почна со организирана „Национална скрининг програма за рана детекција на рак на дојка“. За таа цел, во изминатиов период набавени се нови дигитални мамографи во повеќе јавни здравствени установи, креирани се посебни термини за изведување на скрининг, а Центрите за јавно здравје и Управата за електронско здравство посредуваат во закажувањето на термините.
-Квалитетот на скринингот се обезбедува со спроведување на едукација преку семинари, предавања од експерти од Македонија и странство, континуирана контрола на технички квалитет на мамографите, континуирана контрола на квалитет на вршење на мамографски преглед и интерпретација на мамографски наод. Исто така, квалитетот на скринингот се обезбедува и со евиденција и статистичка обработка на резултати од дијагностичка и скрининг мамографија и зголемена информираност на населението и матичните лекари- истакна Филипче.
На Маршот, традиционално се приклучи и министерката Мила Царовска.
-Денеска се придружив на ,’Розовата прошетка’- симболичен марш со силна порака за поддршка на сите што се борат со ракот на дојка. Со овој марш им одаваме чест на сите оние што ги загубија своите животи, но поткрепа и на преживеаните и сите жени и мажи кои се борат со ракот на дојка- истакна министерката.
Стапката на смртност од рак на дојка е намалена од 1990 година, делумно поради подобриот скрининг и раното откривање, зголемената свест и подобрувањето на опциите за третман, рече министерот за здравство.
-Раното откривање е предуслов за навремено почнување со терапија и за успешно лекување на болеста. Ракот се лекува, а најважно е навреме да се открие. Во ретки случаи, тој се појавува и кај мажите. Покрај редовните контроли, секоја жена треба да прави и месечен самопреглед на дојка. Наша должност е да обезбедиме здравство за квалитетен живот, бидејќи здравството е темелот на едно општество- потенцираше министерот за здравство Филипче.