Процесите кои и претстојат на нашата земја се исклучително важни. Ова се историски моменти и можност за приклучок во НАТО и Европската унија, кои не смееме да ги пропуштиме, им порача денеска на стружани министерот за здравство Венко Филипче.
На средбата со граѓаните на Струга и Вевчани, тој изрази уверување дека треба да сме горди што токму на оваа генерација и припадна можноста конечно да се заокружи независноста и да се обезбеди иднината на нашата земја.
– Со евроатлантската интеграција на Македонија не се гарантира само стабилноста и безбедноста, туку се обезбедува и економски напредок, а со тоа како и во сите други сектори ќе се почувствува и во здравствениот, подвлече Филипче.
Тој информира дека во разговори претставници на ЕУ најавиле дека се планира за две до три години формирање посебен сектор здравство во ИПА фондовите.
– Ние сме цврсто уверени дека сето ова што ни претстои, нашата интеграција кон евро-атланските структури ќе значи не само подобар економски напредок, туку и подобро здравство за сите граѓани. Со тоа ќе ги задржиме и младите во нашата земја бидејќи ќе ја донесеме Европа кај нас, изјави Филипче.
Од средбите со граѓаните, министерот за здравство забележал дека тие знаат кои се придобивките од членството во НАТО и ЕУ.
– Граѓаните знаат кои се придобивките од овие процеси. Сведоци се што се случуваше со државата изминатите години и веруваат во процесот, бидејќи на многу од нив децата им заминале во други држави барајќи подобар живот и напредок во професиите и пристоен живот, наглси Филипче.