Како Министерство за здравство одговараме за квалитетот на МРП вакцините и критериумите за нивна набавка. Ќе преземеме се што е во рамки на нашето делување и ако се покаже пропуст ќе се разгледа можноста за раскинување на сите договори со компанијата увозник и дистрибутер на МРП вакцините и за одземање на дозволата за работа, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, откако компанијата соопшти дека кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018.
Посочи дека сите вакцини се со добар квалитет и од оргинален производител Глаксо Смит Клајн и појасни дека кај мал број односно кај еден процент од вкупниот број дистрибуирани вакцини од таа серија има декларација со постар датум.
– Вакцини со ваков датум се откриени во поликлиниката Железничар, и во здравствените домови во Демир Хисар, Велес и Свети Николе – рече Филипче.
Додаде дека во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства ќе ги утврдуваат причините за настанатата техничка грешка, а компанијата веќе соопштила дека спроведува внатрешна истрага.
Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства, Ќахил Ибраими на прес-конференцијата рече дека проблемот бил кај налепницата и дека направена е техничка грешка при аплицирање на декларациите.
– Кога ќе ги собереме сите количини вакцини со таква декларација ќе постапиме кон фирмата. Има Закон по кој ќе постапиме – додаде Ибраими.