Не калкулираме со партиски собири или почеток на кампања. Имаме изричита забрана за собири со над 1.000 лица, рече министерот Венко Филипче во одговор на новинарско прашање дали ќе има забрана за собири на конгреси и средби со граѓани, бидејќи забраната се совпаѓа со почетокот на изборната кампањата за предвремените парламентарните избори.
– За сите настани кои се организираат со лица помала од оваа бројка има препорака. Не размислуваме за изборниот процес, ова се епидемиолошки индикации зошто и како треба да важат овие мерки. Доколку има потреба, мерките ќе се продолжат, ова е врвен приоритет на земјава во овој момент – рече министерот за здравство.
Ова се однесува и на настаните кои ги организираат невладините организации и здруженија. Филипче повика до организаторите да се воздржат од вакви настани каде што ќе има масовни групи на луѓе. Воедно до родителите на децата порача да не ги носат по игротеки и вистински да ја почитуваат препораката за заштита на децата од било какви собири. Филипче рече дека за сега нема точна информација на децата кои се во домашна изолација.
Покрај ова како една од сет мерките е и воздржување од патување надвор од државата особено во земјите кои се зафатени со коронавирусот како што се Италија, Германија и Франција. Министерот рече дека за сега нема забрана за излез од државата кон кризните подрачја, но им порача на граѓаните да не патуваат во земјите зафатени од коронавирусот.
Во моментов има 100 лица кои се во изолација претежно лица кои биле во контакт со директорката на клиниката за кожни болести.