Министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, како и претставник од Амбасадата на Македонија во Белград ќе ги посетат повредените во несреќата што се случи ноќеска кај Лесковац кога автобус на струшки „Еуро Бус“ излета од патот.
Филипче и Рашковски ќе ги посетат повредените македонски државјани во болниците во Ниш и во Лесковац.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека српските власти ги известиле дека во несреќата загинале три лица, маж на 67 години и две жени. За жените се уште нема потврда на идентитетот.
Автобусот сообраќал на релација Битола-Прилеп-Велес-Табановце-Виена. Според информациите на МИА, едниот од возачите бил од Битола додека вториот од Прилеп.
Во Прилеп автобусот пристигнал околу 19.30 часот и на тамошната автобуска станица во него се качиле 11 патници, потврди шефот на автобуската станица во овој град Љупчо Алексовски.
Српската полиција соопшти дека утринава во 1 часот и 45 минути, на автопатот кај Лесковац, се случила тешка сообраќајна несреќа во која загинале тројца македонски државјани – маж и две жени, а 32 се повредени. Според српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички на компанијата „Еуро Бус“, кој патувал од Битола за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац. Возачите на автобусот не се повредени.