За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија. Спроведовме набавка на скапи цитостатици и сите жени после операција или без операција на карцином на дојка сега се покриени со целата терапија што им е потребна, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на Маршот „Напред розово“, кој 11. година по ред се одржува за подигнување на свеста и против ракот на дојка.
Тој рече дека е воведена и иновативна терапија за т.н. ХЕР2 карцином на дојка и таа терапија како второлиниска ја примаат 15 пациенти. Министерот Филипче потенцираше дека се обезбедени бесплатни ортопедски градници за жените што се оперирани од рак на дојка.
– Од оваа година обезбедивме бесплатни ортопедски градници, за жените што се оперирани од рак на дојка и имаат потреба од градник. Процедурата за добивање бесплатен градник e еднаш годишно во соработка со Фондот за здравствено осигурување. Исто така, за првпат обезбедивме и психолошка поддршка на онколошките пациенти, која е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите. Правиме сѐ, пациентите подобро и побрзо да го надминат тој тежок период – изјави Филипче.
Мамографскиот скрининг се организира согласно Европските насоки за обезбедување на квалитет со цел максимално да се зголеми стапката на детекција на ракот на дојката и тоа во најраната можна фаза.
За да се постигне оваа цел, потребно е сите компоненти, почнувајќи од перформансите на апаратурата, начинот на снимање, начинот и условите на анализирање на сликите, да исполнуваат највисоки стандарди за квалитет. Повеќе од една година, Комисијата за рана детекција на ракот на дојката интензивно работеше на исполнување на овие стандарди.
Министерот Филипче информираше дека националната платформа МОЈ ТЕРМИН е надградена, и сега задолжително ќе треба мамографските слики да бидат независно анализирани од двајца радиолози.
– Новина на работење е двојното читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти – истакна министерот Филипче.
Во фаза е и централизација на сите онколошки оддели под Клиниката за онкологија во Скопје, со цел да се обезбеди максимална поддршка на пациентите и во другите градови.
Министерот Филипче ги повика сите жени да прават редовни лекарски контроли кои се најефикасни за рано откривање и дијагностицирање на болеста. Но, покрај редовните контроли секоја жена треба да прави и месечен самопреглед на дојка.