Директорката на Универзитетската клиника за дерматологија, Нина Цаца Билјановска, која е заболена со коронавирус, денеска ќе биде разрешена од функцијата, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека разговарал со претседателката на Антикорупциската комисија, која му кажала дека во конкретната ситуација, изборите не се проблем за Биљановска да биде разрешена.
– Разговарав со претседателката на ДКСК, која ми укажа дека кога има итност, постои ваква можност, така што, ние тоа ќе го направиме веќе денеска и ќе се назначи в.д. директор, бидејќи и покрај тоа што нема работен процес на Клиниката за дерматологија, сепак има административни работи – рече Филипче.
Претходно, Лекарската комора посочи дека не може да ѝ ја одземе лиценцата за работа на Билјановска, бидејќи според нив, во Законот за здравствена заштита не е наведено како треба да постапат доколку медицинско лице свесно го загрозува здравјето на останатите граѓани.
Министерството за здравство најави најостри мерки за сите кои нема да ги почитуваат препораките за заштита и превенција од појава на коронавирус.