Фото: Дарко Андоновски

Статистичките показатели за наталитетот на Македонците се Немилосрдни

Според демографите, Македонија е на работ на она што значи наталитет, зашто позитивната бројка на наталитетот ја прават само три региони, како скопскиот, полошкиот и североисточниот, каде што во најголем дел живее население што е етнички мешано. Тоа, според демографите, покажува дека на подолг рок, ако продолжи овој тренд, процентот на етнички Македонци може да се спушти и под 50 отсто во споредба со немакедонското население. Предупредувањата се толку алармантни што одат дотаму што постои опасност дека ако не се преземат сериозни и ефективни мерки, би можела да се смени етничката структура во државата!?

Сѐ помалку Македонци по етничка припадност се раѓаат во државава, а регионите каде што бројката била доминантна веќе со години се наоѓаат во негативна стапка на наталитет. Секоја година се намалува процентот на живородени деца од родители што по потекло се етнички Македонци, а наспроти тоа расте бројот на новороденчиња од родители од малцинствата во земјава. Најголем процент на пораст на родени деца се бележи кај ромската, албанската и турската заедница. Според статистичките податоци, минатата година првпат во Македонија од вкупно осум региони, во пет, има помалку родени отколку починати. Тука спаѓаат деловите од цела Источна Македонија, Повардарието и битолскиот регион. Единствени региони што сѐ уште прават позитивен природен прираст се скопскиот и западниот дел од државата.
Ако се направат анализи на живородените деца според припадноста на етничката заедница на мајката и таткото, тогаш може да се заклучи дека процентот на новороденчињата од немакедонско потекло е сосема близок до оној на новородени Македонци.
Тоа, според демографите, покажува дека на подолг рок, ако продолжи овој тренд, процентот на етнички Македонци може да се спушти и под 50 отсто во споредба со немакедонското население. Предупредувањата се толку алармантни што одат дотаму што постои опасност, ако не се преземат сериозни и ефективни мерки, дека би можела да се смени етничката структура во државата!?

Останува дилемата зошто никој во Македонија не се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со тоа кои се главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет кај македонскиот етнички ентитет како носечки чинител на својата држава. Дали причините за овој тренд се од глобален карактер, тенденцијата на сѐ помалку склучени бракови, малудетни семејства, или пак одлучувачки фактор се економската (не)моќ на населението и иселувањето? Време е и за сериозна подлабока анализа за ефектот од мерката за парична помош за родителите за трето дете, која беше воведена пред повеќе од десет години.

Последните податоци објавени од Државниот завод за статистика за бројот на живородени деца според припадноста кон етничката заедница на мајката и таткото за 2017 година потврдуваат дека бројот на родени деца од родители етнички Македонци изнесува 11.204, а бројот на деца од другите етнички заедници, односно малцинствата застапени во државата, како Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и друго (тука спаѓаат и децата со непознато етничко потекло) е 10.550 деца. Тоа значи дека разликата меѓу родените деца од македонско потекло и децата од немакедонско потекло изнесува 654 деца.

Анализирајќи ги статистичките податоци уште од 2010 година, минатата година (2017-та) е прва во која од вкупно осум региони, во пет има појава на негативен природен прираст, како што се вардарскиот, источниот, пелагонискиот, југоисточниот и југозападниот регион. Претходно, со години само во три региони, како вардарскиот, источниот и пелагонискиот, постојано се повторувала бројката на повеќе починати од родени.

Во моментов, според демографите, Македонија е на работ на она што значи наталитет, зашто позитивната бројка на наталитетот ја прават само три региони, скопскиот, полошкиот и североисточниот, каде што во најголем дел живее население што е етнички мешано.

Минатата година биле родени 21.754 деца, а починале 20.318 лица, односно разликата е нешто повеќе од илјада луѓе во полза на наталитетот, што, според демографите, не е доволно за одржување на стапката на наталитетот во земјата на долг рок.

Фото: Дарко Андоновски

Дали во Македонија се менува етничката структура?

Демографот Дончо Герасимовски вели дека веќе две децении е познато дека наталитетот во земјава сѐ повеќе се намалува. Истата состојба, можеби и полоша, според него, се случува и во соседните балкански земји.
– Најголемиот пораст на наталитетот го прави скопскиот регион, полошкиот, како и североисточниот дел, и тоа најмногу кумановскиот и липковскиот дел. Другите региони во земјата имаат негативен наталитет. На пример, од Берово до Штип има десет општини, а во девет од нив има негативен природен прираст. Причина за ова е иселувањето на младите, кои ја прават репродукцијата на населението, како и тоа што во едно семејство нема повеќе од три до четири деца – објаснува демографот Герасимовски.

Се очекува следните години да се промени етничката карта на населението, токму поради тоа што во некои региони од земјата се раѓаат само деца од мајки што се етнички Албанки, Ромки, Турчинки, Влаинки, односно не се раѓаат деца од мајки Македонки.
– Демографската слика на Македонија се менува, а речиси ниту една институција во земјата не презема големи чекори за тоа. Проблем е и тоа што во нашата статистика не се бројат оние деца што се раѓаат во странство, а етничкото потекло на нивните родители е македонско – додава демографот.

Според него, во странските држави веќе одамна постојат институции, во ранг на министерства, што се занимаваат со миграциската состојба, како и со популациската политика во конкретната земја, нешто што за нашата земја не е случај.
Социологот Јане Трпковски смета дека бројките се показател дека специфичните стапки по етничка припадност, како и вкупната стапка на наталитет во Македонија, се во опаѓање.

– Трендот на опаѓање кај македонското население е проследен и со паралелно опаѓање на специфичните стапки на наталитет кај немакедонското население. Овие вредности во демографската структура се ефект од јавни политики спроведувани десет и повеќе години во различни сфери, од промени на бројките во образовната структура, во сферата на пазарот на трудот, во социјалната и здравствената заштита, индустријата, трговијата. Овие промени се прецизен показател за тенденцијата на намалување на склучување бракови, што влијае врз родноста и планирањето на семејството – објаснува Трпковски.

Доколку се анализираат и стапките на нупцијалитет, социолог вели дека ќе се забележи дека овие две движења бележат паралелно опаѓање.
– Врз одлуките за родноста и планирање на семејството влијаат актуелните и потенцијални фактори, како што се пристапот до социјална и здравствена заштита, нивото на сигурноста од финансиска независност (дали се вработени, на каков тип договор, во која дејност, со колкав семеен буџет), можноста за школување, за домување, како и бројноста и квалитетот на домаќинствата -додава социологот.

Три фактори за одржлив наталитет

Социологот истакнува дека трендот на одржлив демографски развој е условен од три фактори. Прво, според него, важно е пирамидата на полово-возрасна структура да има стабилна основа, односно највисоката бројка на специфична група население да биде на возраст меѓу 0-4 години. Во тој случај постои веројатност за прогресивен развој на населението. Второ, вели социологот, точката во која се поврзуваат параметрите за родност и смртност да е меѓу 10,0-15,0 промили, што треба да е показател дека е во бавно стабилната фаза на демографска транзиција, односно етапа кога смртноста опаѓа со поголема брзина, отколку родноста. Овие движења, како што вели Трпковски, се директно условени од економскиот пораст и токму затоа кај нас вредностите на параметрите се во сосема спротивен правец.

– Во Македонија се забележува процес на стареење на населението и процес на депопулација, како последица од негативниот природен и механички прираст на населението, како по региони, така и во вкупното население. Трет услов е соодносот меѓу демографските категории на младо и старо население, каде што важи правилото висината на социоекономскиот статус на домаќинството да е во обратнопропорционален сооднос со бројот на раѓања. Повторно, спротивно на тоа, во Македонија е забележан процес на депопулација и демографско стареење. Само источниот, вардарскиот и пелагонискиот регион зафаќаат нешто помалку од половина од географската територија на Македонија, а токму тука живеат само околу 20 отсто од вкупното население, а тоа не е во репродуктивна возраст. Тоа е поради трендот на внатрешни емиграциски движења од економски мотиви – објаснува социологот.
Според него, вака нагласената регионална диспропорција на населението директно го поткопува природниот прираст.

– Најпрецизен одговор е дека негативното салдо во природниот прираст на населението е последица на паралелно поместување на просечната возрасна граница за склучување брак и за раѓање прво дете, на нееднаквата можност за вработување и нископлатените и несигурните работни места, на трендот на масовно отселување на репродуктивното население, кое е и млад високообразован кадар – додава Трпковски.


Развој на популациска политика

Според статистичките движења, анализирани по временски серии, а во однос на прашањата врзани за возрасна структура на населението, брачноста, родноста, но и трендот на отселување се забележува негативен прираст, кој е во директна корелација со одредени социоекономски движења за истиот временски интервал.

– Ако продолжи ваквиот тренд на неразвивање економски можности, особено во источниот регион, во наредните триесетина години (колку што е потребно за еден демографски обрт) постои ризик регионите што се отцепени од административниот центар, во случајот од главниот град Скопје да бидат економски и демографски крахирани, а скопскиот регион да се соочува со негативните последици од непланското демографско преоптоварување – додава социологот Трпковски.

Затоа, според него, на основа на актуелните параметри на демографската карта во Македонија, при проекциите е потребно да се развиваат мерки и активности со долгорочни цели за развој на населението преку поврзување на популациската политика со политиките за работна сила.

Во тој случај, како што вели социологот, бенефицијата е со двоен ефект: прво се намалува стапката на емиграциско салдо, а второ се регулира стапката на баланс во трендот на природното движење на населението.