Делегација од градоначалници на 11 општини предводена од министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и од претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, денеска во Брисел учествуваа на пленарната сесија на „Денот на проширување“ на Европската Унија.
На тема Парите на Европската Унија и нивната вредност во подобрувањето на владеењето на правото и социо-економскиот развој на локално ниво, дискутираа членовите на Комитетот на региони на ЕУ од земјите од Западен Балкан и од Европската Унија.
На почетокот на состанокот комесарот за проширување, Јоханес Хан во снимената порака, како и претседателот на Комитетот на региони на ЕУ, Карл Ламберт и директорката во Директоратот за соседство и проширување, Геновева Калавера истакнаа дека политиката на проширување е од геостратешки интерес за Европската Унија и мора да се продолжи по тој пат.
Советот на министри целосно ги прифати препораките на Европската Комисија. Република Македонија ја реализира својата амбициозна реформска агенда, а особено е значајна придобивката од решавањето на драматичниот спор со Грција и потпишувањето на Договорот со Бугарија. Македонија и Албанија испорачаа реформи и очекуваме препораката за преговори наесен.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, имаше и одвоени средби со членовите на Комитетот на региони на Европската Унија, на кои беа споделени искуства и добри пракси во областа на регионалната политика и територијалната соработка. Директорот на Комитетот на региони на ЕУ за септември ја најави својата посета на Македонија и одвоена средба со министерот за локална самоуправа.