Основното училиште „Димитар Миладинов“ во Центар од вчера итно е затворено поради неисправна вода за пиење. Учениците не посетуваат настава, а во соопштението од директорката на училиштето поставено на влезот во училиштето се наведува дека учениците нема да можат да посетуваат настава се до четврток.
-Поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата, која не смее да се пие, училиштето ќе биде затворено од денеска, 6 ноември, како и в среда и в четврток. Дополнително ќе следат информации согласно со состојбата – стои во известувањето од директорот.
Неофицијално водата што ја пиеле децата се мешала со фекалии кои биле пронадејни во надворешната шахта и повеќе деца од училиштето имале стомачен вирус. Примероци од водата која ја пиеле децата веќе се дадена на анализа и се очекуваат резултати во текот на денешниот ден.
За затворањето на училиштето вчера преку соопштение информираше и Општина Центар.
-Општина Центар ја информира јавноста дека од денес (6-ти ноември од 15.30 часот) до четврток (8-ми ноември) ќе биде затворено основното општинско училиште „Димитар Миладинов“. Училиштето ќе биде затворено поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата. Воедно, ги информираме родителите и учениците дека нема да има дежурство за продолжен престој на учениците, а се одложуваат и другите активности што се реализираат во училиштето – соопштија од општина Центар.
Од Министерството за образование и наука информираат дека се уште немаат известување од страна на училиштето и Општина Центар дека училиштето е затворено и учениците не посетуваат настава.
Според надлежностите, за училиштето МОН може да реагира само доколку училиштето и Општината го информираат Министертвото и испратат план за начинот на кој ќе се изведува наставата за неодржаните часови.
Од Општина Ценатар денеска велат дека се работи на санирање на дефектот пред училиштето. Посочуваат дека станува збор за поголем дефект кој очекуваат да биде саниран до утре, но доколку се одложи санацијата на водоводната мрежа, Општината утре ќе излезе со дополнително соопштение.
Учениците од училиштето денеска се на екскурзија.