На третата сесија од дводневната конференција во Женева на тема „Нееднаквост, социјална инклузија (или општествена вклученост) и права“ беше потенцирано дека голем број групи, посебно жените, девојките и малцинствата, и понатаму се подложни на дискриминација.
Како што јави известувачот на МИА од Женева, учесниците апелираа за полова еднаквост, како и за еднаква партиципација и општествена вклученост на сите групи – жените, младите, возрасните, лицата со попреченост и на другите маргинализирани групи.
На Конференцијата беше потенцирано дека УНЕЦЕ регионот е лидер во напредокот на полова еднаквост, пред се поради обезбедувањето на еднаков пристап до образование, вработување и политичка партиципација. Тоа доведува до намалување на сиромаштијата, вклучувајќи и економски раст, демократско владеење и мир и правда.
И покрај постигнатиот напредок, учесниците нагласија деке се уште се присутни форми на нееднаквост и дискриминација поради што е потребна соработка меѓу владите и невладините организации за елиминирање на општествената исклученост (или социјална невклученост).
Според Кристијан Ангелески од младинската мрежа ВАЈПИЕР (Y-PEER) Македонија, „динамиката на населението и одржливиот развој се од големо значење за развојот и промените кон подобро утре“.
– Кога станува збор за глобални дискусии, навистина е значајно младите да имаат можност да придонесат. Огромна чест е, но и одговорност да се претставуваат младите и нивниот глас на оваа конференција. Клучно е значајното младинско учество, инклузивност во процесот и репрезентативност на сите заедници, бидејќи само така може да имаме гаранција дека никој нема да биде изоставен и сечиј глас ќе биде артикулиран, истакна Ангелески.
На третата сесија свое обраќање имаше и извршната директорка на здружението РОМА С.О.С. од Прилеп, Несиме Салиоска на тема детски бракови.
Салиоска истакна дека е погрешна перцепцијата оти детските бракови се ромско прашање, додавајкки оти таквата појава е присутна ширум светот и оти нема етнички предзнак.
– Не, тоа не е ромско прашање иако на тоа така се гледа посебно на Балканот. Истовремено, тоа е штетна пракса како и форма на обесхрабрување на девојките, но и на момчињата. Всушност таквиот вид на етничка стигматизација е поради недостиг на акција и посветеност од релевантните институции кои најчесто веруваат дека тоа е дел од традицијата, посочи Салиоска.
Таа апелираше на зголемување на старосната граница на национално и на глобално ниво за стапување во брак од 16 на 18 години, додавајќи дека стапувањето во брак под таа старосна граница треба да се смета за кривично дело.
Според неа, треба да бидат регистрирани сите форми на брак, односно со закон да бидат опфатени како формалните, така и вонбрачните заедници, чиј број е многу зголемен во последниот период, но не е регистриран и не е следен од ниту една институција.
Таа наведе дека РОМА С.О.С. минатата година поднела предлог измени до три македонски министерства за намалување на бројот на детски бракови и истите се чека да влезат во процедура.
Нејзиното искуство покажува дека проактивната улога на невладиниот сектор е од голема важност за оформување на наративот за етничките заедници и спречување стигматизација на маргинализираните групи.
– Преку заштита на еден живот, заштитуваме повеќе потенцијални жртви, заклуќи Салиоска.
По повод 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) и Акциската програма 2019 година вчера и денеска во Женева се одржа Регионална конференција на тема „Овозможувајќи избор: Динамика на населението и одржлив развој“.