Минус 18 степени се измерени изутрина во Тетово, што е најниска температура во целата држава, по што следат со минус 15 Битола и Дебар, Струмица и Маврово со минус 14, Крушево и Берово со минус 13, Штип и Скопје Петровец со минус 11. Минус 10 степени се измерени во Охрид, Демир Капија и Крива Паланка, а минус девет во Скопје на Зајчев Рид, Претор и Пожаране, минус пет во Куманово, минус четири во Дојран, минус два во Гевгелија, покажува извештајот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Наjмногу снег има во Маврови Анови, со снежна покривка од 81 сантиметар, Пожаране 45 сантиметри, Дебар и Лазарополе со 44, а 39 сантиметри во Крушево и на Попова Шапка.
Според УХМР, во претпладневните часови преовладува сончево време со мала до умерена облачност. По одделни котлини ќе се задржи магливо и значително постудено. Преку денот облачноста ќе се зголемува. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне од -4 до 3 степени.