Успешно беше извршена шестата трансплантација на срце во Македонија. Донор на срцето била млада девојка на која ѝ била дијагностицирана мозочна смрт во вторникот. Пациентот се чувствува добро и се опоравува по операцијата, напиша министерот за здравство, Венко Филипче, на неговата официјална фејсбук-страница.
– Сашо се чувствува добро по извршената трансплантација на срце. Тој е контактибилен и се опоравува. Од голема важност е постоперативниот период. Му посакувам многу здравје и што побрзо да се врати на вообичаените животни навики – се наведува во објавата на министерот.
Од истиот дарител била извршена и трансплантација на бубрег, а здравствените власти најавија дека исто така ќе се експлантираат и коскени ткива.