На денешната 154. редовна седница Владата ја разгледа и усвои информацијата со нацрт-стратегијата за одбрана и го задолжи Министерството за одбрана во рок од седум дена од усвојувањето на информацијата да ја достави до претседателот на Република Македонија за нејзино донесување.
Тековната стратегија за одбрана е донесена во 2010 година, а како резултат на безбедносната динамика, современите безбедносни закани и предизвици, но и како резултат на променетиот статус на Република Македонија во меѓународни рамки, Министерството за одбрана изготви нацрт на нова стратегија за одбрана.
Новата стратегија ги идентификува одликите на современото безбедносно опкружување, дава насоки за понатамошен развој на одбранбените капацитети и способности на системот за одбрана на Република Македонија, како и насоки за синхронизирање и унапредување на одбранбеното планирање, согласно стандардите на НАТО и ЕУ.