Владата на седница ја усвои националната Платформа за намалување на ризици од катастрофи.
Платформата е документ кој на системски начин ги поттикнува и обврзува субјектите на системот за управување со кризи, заштита и спасување, да дејствуваат на многу поорганизиран и ефективен начин за рано предупредување, превенција, намалување и санирање на последиците од можни катастрофи.
Како што објаснуваат од владината прес-служба, со оваа платформа се поставуваат и развиваат системите и стандардите за спречување и намалување на последиците од катастрофи, преку користење на научни и стручни капацитети, посебно обврските кои произлегуваат од бројните резолуции на ООН, меѓународните рамки, директивите на ЕУ поврзани со цивилната заштита, НАТО стандардите и компаративните искуства од другите држави и меѓународни организации и асоцијации.