Управниот суд денеска на својата веб-страница ја објави пресудата за рудникот „Иловица“ по тужбата на „Еуромакс рисоурсес“ со која Владата го раскина договорот за добивање дозвола за експлоатација на руда.
– Со донесената одлука од страна на Управниот суд предметот е вратен на повторно одлучување поради процесни неправилности (постоење на претходно прашање за главната работа), додека за главната работа по предметниот спор постапката е во тек – се наведува во соопштението.
Од Судот велат дека наведената одлука е уредно доставена до странките во спорот, полномошникот на тужителот и тужениот орган и истата е објавена на веб-страницата на Управниот суд, а сето тоа согласно Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства. Рокот од 15 дена почнува да тече од денот на престанувањето на вонредната состојба.
Вчера ДОМ и Здружението „Здрава котлина“ од Струмица реагираа зошто Управниот суд не ја објавил пресудата за „Иловица“ која е донесена на 31 март.
– Со оглед на воведувањето на вонредната состојба во Македонија сите рокови за жалби се паузирани додека трае вонредната состојба и дури по укинувањето на вонредната состојба судскиот случај ќе продолжи за конечна разрешница – наведоа активистите.
Второстепената комисија за одлучување во управна постапка ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс рисорсис“ поднесена по одлуката на Владата од јули лани за одбивање на барањето за експлоатација на металични минерални суровини на концесискиот простор на планината Огражден.
Фирмата поднесе тужба до Управниот суд против решението од второстепената државна комисија.
Владата го одби барањето на „Еуромакс“ за издавање дозвола за рудникот со образложение дека компанијата не ги исполнила законските услови за вршење експлоатација.