Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЗАКОН ИМА, ПРАКТИЧНИ ЕФЕКТИ НЕМА

Иако постои скоро четири години, ефектите од донесувањето на Законот за заштита на укажувачи не се видливи во јавноста. Ниту граѓаните укажуваат на одредени аномалии во општеството ниту пак институциите преземаат некакви активности за негова практична примена и ефектуирање. Едноставно укажувачите постојат само на хартија, иако и законот и неговата примена се значаен сегмент од реформите, кои се услов за наше членство во Европската Унија

Приближно четири години откога е донесен Законот за заштита на укажувачи и со две промени на неговата содржина, се чини, овој правен акт никако не може да заживее во Македонија. Или, со други зборови, ефектите од неговото донесување не се видливи во јавноста. Ниту граѓаните укажуваат на одредени аномалии во општеството ниту пак институциите преземаат некакви активности за негова практична примена и ефектуирање. Едноставно укажувачите постојат само на хартија, иако и законот и неговата примена се значаен сегмент од реформите, кои ни се услов за наше членство во Европската Унија.

Стручна јавност во земјава со која се консултиравме, во сублимиран заклучок вели дека по носењето на законот веќе неколку години се добива впечаток дека имплементацијата на овој акт, заедно со кампањата за издигнување на свеста, и резултатите од терен се паднати во втор план.
Според Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, од кога е во сила Законот за укажувачи, тој не заживеа во практиката.
– На граѓаните не им е јасно што значи да се биде укажувач, а надлежните институции не преземаат активност за негова примена, ниту се подготвени за прием на пријави од укажувачи – вели Тасева.

Според неа, резултатите и искуството од досегашната примена на Законот за заштита на укажувачи покажуваат незадоволително ниво на спроведување.
Таа посочува дека сѐ уште недоволно се прави разлика помеѓу укажувач и информант и граѓаните што се укажувачи најчесто се соочуваат со последици, затоа што се недоволно упатени и не можат да бидат заштитени ниту тие, ниту нивните блиски.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека иако овој закон во својата срцевина ги пропагира европските вредности, кои треба да ги има нашето општество, тој некако во практична смисла на зборот по неговото носење остана заборавен во македонското секојдневие, иако е клучен дел од спроведувањето на реформите што ни се услов за членство во Европската Унија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според Стефаноски, незадоволителното ниво на спроведување на законот првенствено се должи на недоволно изразената политичка волја за добро управување и за воспоставување на системот за заштитено пријавување и заштита на укажувачите.
– Оваа моја констатација е посочена и во извештаите на Европската комисија за земјава, во која се подвлекува дека ние имаме недоволно спроведени активности за подготовка на засегнатите страни за примена на законот и непостоење ефикасен надзор на примената на законот – вели Стефаноски.

Тој додава дека овој закон не е исклучок, туку проблемот со неспроведувањето на законите во практика во земјава е генерален и токму таа состојба е круцијална во процесот на приближување на македонското општество кон евроатлантските сојузи.
Во меѓувреме, Министерството за правда неодамна информира дека се подготвени нови измени врз законското решение со кое се врши усогласување со прекршочните одредби од Законот за прекршоците.


Што предвидуваат новите измени

Законот за заштита на укажувачи беше донесен во 2015 г., а во 2016 г. стапи во сила. Потоа во февруари 2017 година беше изменет и во него беа вградени забелешките на Венецијанската комисија, а две години подоцна повторно се најавуваат нови промени, кои според кои Министерството за правда не ја допираат суштинската содржина на законското решение, туку само се врши усогласување со прекршочните одредби од Законот за прекршоците.

Портпаролот на министерството за правда, Владо Делов, вели дека со новите промени практично ништо суштински не се менува во постојниот закон.
– Оние измени, кои се во тек, во моментов се само усогласување со глобите пропишани во законот, кои практично се пресликани од Законот за прекршоците – вели Делов.
Тој како пример за тоа што може да се очекува од промените ги наведува намалувањата на казните за сообраќајни прекршоци и истакнува дека слично е втемелено во новите промени во Законот за заштита на укажувачите.

Инаку, со Законот за заштита на укажувачи се уредуваат заштитеното пријавување, во јавниот и приватниот сектор, заради заштита на јавниот интерес, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.
Во меѓувреме за потсетување е фактот дека годинава беше публикувана и државната стратегија за промоција на системот за заштита на укажувачите.

Според овој обемен државен документ, во период од 18 месеци, државата планира да спроведе кампањи за издигање на јавната свест, планирани се обуки на целни групи, кои ги опфаќа законот, и промовирање памфлети за дејствување на институциите и компаниите со најдобри практики за заштита на системот на укажување.

[email protected]