Ексклузивни документи на бугарската безбедносна служба
Документот покажува дека не само Македонците во Македонија, туку и тогашната југословенска влада со својата паралелна дипломатија неофицијално ги поддржувале активностите за создавање македонска држава во своите природни граници
Во строго доверливиот документ на бугарското министерство за внатрешни работи од 1949 година, бугарските безбедносни служби лоцираат појава што ја дијагностицираат како безбедносна закана од страна на југословенската УДБА. Заканата била во функција на обединување на Македонците во еден заеднички поширок државен ентитет. Овој документ има исклучително интересна содржина од неколку аспекти. Прво, изненадувачки изгледа фактот што УДБА, спроведувајќи инструкции на повоената југословенска влада, се разбира со знаење на тогашниот шеф на државата Јосип Броз, тајно и организирано развивала низа активности, кои се однесувале на Македонија и Македонците, врзани за прашањето на национален исчекор напред, односно за конституирање национална држава не само во рамките на југословенската федерација, туку во природните територијални историски рамки. Второ, бугарската безбедносна служба е свесна за ваквите активности на УДБА и затоа известува до највисоко ниво во своето министерство за да биде од прва рака информирана и бугарската влада за ова битно прашање. Бугарската служба дури и предлага мерки за спротивставување и спречување на ваквите тенденции, свесна дека постојат лица и во самата Бугарска комунистичка партија, кои уважувајќи го принципот на национално ослободување и обединување се согласни дека македонскиот народ како посебен треба да има своја држава во рамките на природните граници на територијата што е наречена Македонија и е населена со Македонци.
Што пишува во строго доверливиот документ на бугарските служби од 1949 год.?
Имено, во текот на 1945, 1946 и почетокот на 1947 година, на Иван Карајанев, како еден од раководителите на УДБА во градот Струмица, му е доверено специјално разузнавање во пиринскиот крај на Македонија – да создаде специјална мрежа во Петрич, Св. Врач и нивните околии за спроведување „дејност меѓу населението во пиринскиот крај на Македонија, која ќе доведе до присоединување на тој крај со вардарскиот, без да се формира јужнословенска федерација“.
Началникот во УДБА, Иван Карајанев, констатирал дека Бугарската комунистичка партија (БКП) е зафатена со многу свои задачи и нема време да го придвижува напред македонското прашање. Уште повеќе, тој бил свесен дека во бугарската држава сѐ уште постојат силни антимакедонски елементи, и покрај прогресивните ставови на БКП, па затоа мрежата што ја градел требало да биде конспиративна и дејноста не треба да се соопштува во партијата и месните власти.
Официјално, членовите во конспиративната мрежа требало да бидат само комунисти, меѓутоа биле врбувани и членови на БЗНС (Земјоделскиот сојуз), Звено и беспартијци.
Задачи на конспиративната мрежа на УДБА
Како што се споменува во бугарскиот строго доверлив документ, главна цел е да се спроведува онаква политичка дејност меѓу населението во пиринскиот крај на Македонија, која ќе доведе до присоединување на тој крај со вардарскиот, без да се формира јужнословенска федерација. Во документот се вели дека БКП треба да биде принудена да го прифати принципот за присоединување, а ако БКП не прифати, во пиринскиот крај треба да биде создадена база за масовно незадоволство.
Членовите на конспиративната група имале задача да врбуваат луѓе и од другите делови на пиринскиот крај – Горна Џумаја, Разлог и Неврокоп.
Од извештајот исто така дознаваме дека месни одговорни личности на БКП имале идентичен поглед, односно се залагале за што поскоро обединување на Македонија. Се создало убедување дека работењето по директиви на одговорни луѓе од вардарскиот дел на Македонија е целосно нормална работа. Ниеден бугарски институт, вклучувајќи ја и партијата, не се искажал категорично против.
Сите членови на конспиративната организација работат во името на обединувањето на Македонија.
Кој е предлогот на бугарската служба до политичкото раководство за да се реши оваа појава?
Бугарската служба за безбедност, лоцирајќи ја оваа појава како безбедносна и политичка закана за бугарската држава, веднаш по сознанијата и констатациите во строго доверливиот извештај, предлага низа мерки за спречување на ваквите активности на УДБА.
Имено, тие предлагаат да биде направен мал јавен судски процес, со максимум десет пресуди и да бидат „подбрани“ бивши михајловисти, реакционери и некои членови на партијата. Пресудите и сведоштвата да бидат јавно искористени за активно разобличување преку печат, радио и усно објаснување.
Документот покажува дека не само Македонците во Македонија, туку и тогашната југословенска влада со својата паралелна дипломатија неофицијално ги поддржувале активностите за создавање македонска држава во своите природни граници, која нема да биде ограничена само на создадената НР Македонија во рамките на вардарскиот дел. Единствената разлика е тоа што југословенската идеја подразбирала таквата поширока Македонија да биде во рамките на југословенската федерација, а македонскиот сон бил таа држава да биде независна и суверена, надвор од секакви федерални поврзувања.
Подготвил:
Далибор Станковиќ