Граѓаните ќе можат да ги проверат своите податоци за избирачкиот список до четврток на полноќ, додека кандидатурите за учество на локалните избори закажани за 17 октомври, се поднесуваат до сабота на полноќ. Учесниците на изборите ги објавуваат и последните кандидати, а веќе се одвива неофицијална кампања со средби со граѓани и на социјалните мрежи.
Проверка на избирачкиот список до завчера извршиле вкупно 12.128 лица, според Државната изборна комисија. Дотогаш се поднесени се вкупно 47 барања за запишување во избирачкиот список, како и 28 барања за бришење на податоците и 22 барања за измена на податоците. А преку мејл, до ДИК се поднесени вкупно 42 барања.
Граѓаните можат да ги проверат своите податоци во подрачните единици и канцеларии на ДИК, како и електронски преку нивната веб-страница. Избирачкиот список потоа се доставува до политичките партии, а во него треба да бидат внесени и податоци од МВР за лица кои имаат барања за нови лични карти, од Управата за санкции и од МТСП за лицата во старските домови. Избирачкиот список се заклучува најдоцна до 24 септември, а треба да биде потпишан најдоцна на 1 октомври.