Можно ли е да има некакво поместување во релациите меѓу Скопје и Анкара по предвремените претседателски избори во Турција и во контекст на последните геополитички случувања.
Некои од коментарите на познавачите на меѓународната политика се дека нема да има никакво поместување во политиката на Анкара кон земјава по изборите на кои победи довчерашниот претседател Ердоган, земјата што, впрочем, по Бугарија, е и втора држава што ја призна независноста на Македонија и единствена што го употребува уставното име на земјава во мултилатералната комуникација.
Други, пак, велат дека сепак е можно да има некакво минорно заладување на односите со Турција, поради нашето приближување кон ЕУ и усогласување со надворешната политика на Брисел, која во овој момент не е најдобра во однос на Турција поради мигрантите, но и поради блиските сегашни врски на Анкара со Москва. Политичкиот аналитичар Димитар Димов не исклучува дека новите уставни промени во Турција ќе влијаат на начинот на однесувањето на претседателот Ердоган кон регионот и особено кон Македонија.
– Лично не очекувам директно влијание, но, во секој случај, познати се односите на Турција со Русија. Се надевам дека тие односи нема директно да влијаат на нашето влегување во НАТО, каде што Турција е полноправна членка. Истовремено мислам дека ставовите што ги има Турција нема да влијаат врз нашите атлантски интеграции – оценува политичкиот аналитичар.
Димов истакнува дека во минатото се покажало и дека односите не биле баш најкоректни, алудирајќи на случајот кога по неуспешниот воен удар пред две години во Турција, Ердоган нареди затворање на турските училишта во земјата за кои сметаше дека се поврзани со движењето на Ѓулен.
– Во однос на Македонија и на целиот Балкан, турската надворешна политика последните години немаше баш коректен однос и повеќе се однесуваше како кон подредени држави. Тоа беа случките и со Македонија, но и со Косово, кога Анкара инсистираше да се затворат школите на неговите политички противници или, како што ги дефинираше Ердоган, членовите на терористичката организација „ѓуленисти“. Така што верувам дека тие притисоци е можно да се повторат, но во исто време мислам дека отворањето на евроатлантските перспективи на Македонија сигурно ќе влијае како одбранбен механизам од понатамошното зголемено влијание на Ердоган во земјава – завршува Димов.
Слично размислува и политикологот Милан Стефановски во врска со меѓусебните односи на Турција и Македонија.
– Турскиот став кон Македонија ќе остане непроменет и во иднина. Иако во изминативе две години имаше потреси во внатрешната политика на таа земја, сепак таа не покажа дека нешто се менува во односите со нас. Доказ за тоа се фактите што говорат оти Турција е најголемиот наш економски, воен и политички поддржувач на Балканот во изминативе години и еден од најстабилните партнери, така што во сите документи со нас стои фуснота што објаснува дека Турција нѐ признала под уставното име. Оттука, може да се заклучи дека ветерот што дува од Анкара е стабилен и нема да има некои рефлексии од таа страна – вели Стефановски.
Во меѓувреме доказ за пријателските меѓудржавни односи иницирани од блиските историски, културни и општествени врски меѓу Македонија и Турција е присуството на македонскиот претседател Ѓорге Иванов заедно со сопругата на инаугурацијата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на церемонијата што се одржа во Претседателската палата. Д.Ср.