Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК вчера соопшти дека во последнава седмица поради погрешно утврдена дијагноза во животозагрозувачка состојба биле доведени четиригодишно дете од Свети Николе, деветгодишно дете од Гевгелија и 14-годишно дете од Охрид, сите со дијабетес тип 1.
Посочуваат дека 14-годишното дете од Охрид сѐ уште е во кома и во тешка здравствена состојба и е сместено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Од Асоцијацијата бараат Министерството за здравство во рок од 48 часа да го истражи случајот и сите одговорни за трагедијата со трите деца да бидат соодветно нормативно процесирани, вклучувајќи и кривично.
– Трите деца имале дијабетес тип 1, но оние што медицински ги третирале едноставно не го утврдиле тоа првично, па ги лекувале така како што ги лекувале. Во моментов четиригодишното и деветгодишното дете се надвор од животна опасност, со претуркани тешки форми на кетоацидози, додека 14-годишното дете од Охрид сѐ уште е во кома и во тешка здравствена состојба е сместено на КАРИЛ – посочуваат од асоцијацијата.
Од КАРИЛ за МИА изјавија дека 14-годишно девојче со дијабетес тип 1 е донесено кај нив, ставено е на респираторна машина и продолжува нејзиното лекување.
Претседателката на асоцијацијата, Наташа Д. Димитриевска, без да даде поопширно појаснување за трите случаи, само истакна дека четиригодишното дете од Свети Николе и деветгодишно дете од Гевгелија се хоспитализирани на Клиниката за детски болести, каде што било сместено и 14-годишното дете од Охрид пред да биде пренесено на КАРИЛ.
– Децата се со дијабетес тип 1. Симптомите требало прво да ги препознаат матичните лекари. Имам информација од Детската клиника, а како се одвивале работите не можеме да знаеме. Четиригодишното дете од Свети Николе и деветгодишно дете од Гевгелија лежат на ендокринологија на Детската клиника. Додека состојбата не им се доведе на стабилно ниво и не ги обучат родителите ќе бидат на Детска клиника. За жал, дијабетесот се открива така, затоа што докторите не ги препознаат симптомите, и кога ќе дојде до кетоацидоза тогаш го препознаваат. Мислам дека дијабетесот им е дијагностициран на Детската клиника – рече Димитриевска.