Гостивар прогласи тридневна жалост за настраданите во земјотресот во Албанија. Општината ќе додели и 18.000 евра помош, а формира и кризен штаб за превоз на собраната помош за областите погодени од земјотресот.
– На денешната вонредна седница на советот на општина Гостивар, свикана од страна на градоначалникот Арбен Таравари, општинските советници едногласно усвоија одлука за доделување на финансиски средства за граѓаните на Република Албанија погодени од силниот земјотрес во Драч и околината. Висината на финансиските средства изнесува 1.084.500 денари од кои 184.500 денари како материјали, а останатиот дел како финансиски средства – соопштија од општината.
Таравари објасни дека парите наменети за новогодишно украсување на градот, се пренаменуваат за оваа цел.
Исто така, советниците едногласно донесо одлука и за прогласување на тридневна жалост, како и формирање на кризен штаб за превоз на собраната помош за областите погодени од земјотресот.