Македонските аналитичари сметаат дека ако вселенскиот патријарх во скоро време признае единствена автокефална црква во Украина, за што, според нив, постои голема веројатност, тогаш тоа ќе биде отворен пат за МПЦ-ОА своето барање за автокефалност веднаш директно да го адресира до Вселенската патријаршија
Идните случувања меѓу православните цркви ќе се одвиваат така што Македонската православна црква-Охридска архиепископија своето признавање на автокефалноста ќе може да го очекува, се разбира доколку тоа го побара, директно од Вселенската патријаршија, а не преку заобиколни патишта, преку БПЦ или СПЦ.
Во таа насока се движат анализите на македонските познавачи на состојбите во православниот свет, особено по случувањата во Украина, каде што тамошниот претседател Петро Порошенко поведе иницијатива пред парламентот за поддршка на барањето до Вселенската патријаршија за признавање единствена автокефална Украинска православна црква.
Токму во таа насока брзо стигна и одговорот од Вселенската патријаршија, кој се толкува како позитивен за Украина, односно патријархот Вартоломеј категорично не го одби ова барање, туку го прифати како можност да се разговара на шансата за создавање автокефална украинска црква.
Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски смета дека ако вселенскиот патријарх во скоро време признае единствена автокефална црква во Украина, за што, според него, има големи шанси, тогаш тоа ќе биде отворен пат за МПЦ-ОА своето барање за автокефалност веднаш да го адресира до Вселенската патријаршија. Тој смета дека неразумниот спор за името го кочи и признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ѓорѓевски истакнува дека врз патријархот Вартоломеј, кој инаку е Грк по потекло, имаат посуштинско влијание државните политики отколку црковните канони. Според него, голема улога во целата оваа ситуација има и политиката на западните држави и САД, како влијание врз Вселенската патријаршија, со цел да се оддалечи Русија од Украина, а индиректно и од Македонија, што ѝ дава шанса на МПЦ-ОА.
Ова што сега се случува меѓу Вселенската патријаршија и Украинската црква-Киевска патријаршија, обраќањето на световни украински власти и позитивниот став на Вселенската патријаршија, води кон тоа дека тој принцип на консензус меѓу православните цркви за доделување автокефалност на една православна црква нема да заживее, иако тој принцип е договорен, но не е изгласан како одлука на сите цркви-додава аналитичарот.
Ѓорѓевски очекува дека токму Вселенската патријаршија ќе биде првата што ќе го „прекрши“ тој договор, и тоа најверојатно во однос на Украинската црква.
– Причина за тоа е и силното влијание на световните фактори, конкретно на западните земји предводени од САД што се во конфликт со Русија околу Украина и по секоја цена сакаат да го тргнат влијанието на Русија од Украина, кое е многу силно преку Украинската православна црква-Московска патријаршија. Тоа ќе отвори проблеми и поделби во православието, конфронтација меѓу црковна Москва и Истанбул. За нас е важно само тоа дека нема да дејствува принцип на консензус туку ќе се отвори простор за индивидуални црковни признавања – вели Ѓорѓевски.
Според него, последното барање што МПЦ го достави до Бугарската православна црква за признавање на нејзината автокефалност најверојатно нема да даде плод, поради силното влијание на Руската црква врз Бугарската црква, но затоа фокусот може и треба да се насочи кон Вселенската патријаршија.
Обидот за консензус сѐ уште на хартија
Прашањето за доделување автокефалност на една православна црква веќе долги години стои закочено во православниот свет. На последниот собор на Крит 2016 година, на кој не учествуваше Руската православна црква и уште неколку православни цркви, таа точка не се најде на дневен ред, бидејќи претходно не беа усогласени сите детали како да ѝ се додели автокефалност на една црква.
Руската православна црква инсистира томосот на новата автокефална црква да го потпишуваат сите поглавари на веќе признаените автокефални православни цркви, односно се залага за консензус. Од друга страна, пак, вселенскиот патријарх смета дека томосот треба да го потпишува само тој, а се согласува претходно да има консензус од сите православни цркви за новата православна црква. Меѓутоа, таква одлука не е изгласана во православниот свет.
Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им требале и векови за да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
Патријархот Вартоломеј покажа наклонетост кон Украина
Синодот на Вселенската патријаршија не ја отфрли молбата на украинскиот претседател, Петро Порошенко, туку, напротив, донесе одлука да дејствува по неговото писмо и да се заложи за украинската автокефалност, нешто што во православниот свет се толкува како позитивна волја на вселенскиот патријарх и наклонетост кон украинската непризнаена Киевска патријаршија.
– Вселенската патријаршија, која според божествените и светите канони и многувековниот црковен ред и светото предание ја има грижата за сите православни цркви во светот и одговорноста за сеправославното единство, а особено за православниот украински народ, кој ги прифати спасувачката христијанска вера и светото крштение од Константинопол, како вистинска негова мајка-црква се запозна подетално со црковната ситуација во Украина, како што беше направено и при претходните седници на Синодот, и ја усвои молбата за доделување автокефалност од страна на дел од црковите и политички фактори, кои претставуваат милиони православни Украинци, а исто така одлучи подетално да ги запознае за разгледување на ова прашање другите сестри православни цркви за информирање и координација – стои во соопштението на Вселенската патријаршија.