Одредби во договорите за пријателство како мински полиња
Актуелната најнова епизода во односите со Бугарија, една година по потпишувањето на договорот за пријателство, повторно го рециклира прашањето за нерегулираните односи, спорни одредби и барања, кои може да ни се повторуваат како ТВ-сапуница. Дали ако целосно се спроведе спогодбата со Грција ќе треба понатаму на секој чекор да се извинуваме дека сме Македонци, со оглед на уште поголемата асиметричност на спогодбата од Мала Преспа и нејзините недоречености
Една година по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, по неколку искушенија во текот на тој период, повторно се ставени на тест неговата искреност и цврстина, а како причина овој пат очекувано се појави одбележувањето на големиот празник Илинден и споменувањето на Илинденското востание. Имено, изјавата на премиерот на Владата на Р. Македонија, Зоран Заев, за македонските медиуми, дека „Илинденското востание е македонско, а ако некој граѓанин на Република Бугарија сака да го слави, може слободно да го прави тоа“, предизвика лавина од реакции во бугарската политичка и интелектуална јавност. Таквите реакции беа насочени најмногу спрема премиерот на бугарската влада, Бојко Борисов, за да упати „опомена“ и да го потсети на одредбите од договорот за добрососедство својот македонски колега и пријател, како што често нагласува самиот. Речиси една седмица по изјавата на Заев, бугарскиот премиер се обидуваше да избегне да даде сопствена изјава за јавноста, а изјавите на вицепремиерите во неговата влада – Захариева („Илинденското востание можеби е територијално македонско, но историски е бугарско“) и Каракачанов, кој му препорача на Заев да чита историја, се потруди да ги претстави како доволна реакција на „македонската провокација“. Сепак, притисокот на опозицијата и на интелектуалната јавност во Бугарија не престануваше, па Борисов отворено му порача на својот македонски „колега и пријател“ дека треба двапати да мисли пред да рече нешто, бидејќи, како што вели тој, доаѓа време кога земјите-членки на ЕУ ќе одлучуваат за судбината на Македонија.
– Ги оставам сите да ги премеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, сѐ оди на негова сметка, бидејќи кога станува збор за ЕУ и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. Мој совет е да се биде повнимателен – рече Борисов.
На таквиот совет од Борисов, експресно реагираше македонскиот премиер, со подолг статус на Фејсбук каде што упати своевидно извинување до бугарската јавност, која се сомнева во искреното пријателство на македонската страна.
– Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени. Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство, кое неколку децении беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство – вели Заев во дел од својот статус, притоа потсетувајќи на сите заеднички илинденски и ватикански поклонувања со бугарскиот премиер Борисов, како и дека Македонија нема да заборави што сѐ направила Бугарија за условената покана за отворање пристапни преговори на Македонија со ЕУ, како и за поканата за членство во НАТО.
Ваквата невообичаена полемика со совети (иако некои ги оквалификуваа и како отворени закани од страна на Бугарија) и извинувања меѓу премиери на влади на две соседни држави наведува на сомневање во искреноста и издржливоста на македонско-бугарскиот договор за добрососедство и пријателство, кој беше прифатен и ратификуван во македонското собрание и покрај острите критики во јавноста и предупредувањата дека тој е сосема асиметричен на штета на Македонија. Во неколку примери и изјави од бугарска страна претходно, но и сега се покажува дека документот се користи како минско поле за Македонија или орудие за остварување на бугарските интереси на штета на историските факти и македонските интереси и заложби за искрено пријателство.
– Во договорот за добрососедство со Бугарија прифативме дека историјата е заедничка. Тоа според бугарската страна значи дека терминот „заедничка историја“ се изедначува со бугарска историја, со оглед на тоа дека до 1944 година не постоела македонска држава. Па сега, секое наше, македонско толкување на историјата, како што била првичната изјава на Заев за Илинденското востание, нормално е да предизвика бугарски реакции. Ако нешто сме прифатиле и потпишале, мора и да го почитуваме. Особено мора да го почитува оној што го ставил својот потпис на договорот. Бидејќи реалноста е сосема спротивна од она што е наведено во договорот со Бугарија, вакви недоразбирања ќе има сѐ повеќе во иднина. Може да се очекува кога (ако) ги почнеме преговорите за членство во ЕУ, прво што ќе направи Бугарија да биде тоа да ја оспори автентичноста на македонскиот јазик – вели поранешниот амбасадор на Р. Македонија, Ристо Никовски.
Оваа политичко-историска епизода во односите меѓу Македонија и Бугарија се случува во фонот на доминантната преокупираност на македонската политичка јавност со референдумот за прифаќање на спогодбата со Грција, со која се прифаќа менување на името на државата, како и низа уставни промени, кои имплицираат деградирање на македонскиот национален идентитет. Иако декларативно во спогодбата од Мала Преспа се зачувани идентитетот и јазикот, со одредбата дека државјанството е македонско/државјанин на Република Северна Македонија и со фуснотата дека јазикот е македонски и припаѓа на групата јужнословенски јазици, со другите одредби и обврски што ги презема Македонија како „втората страна“ сето тоа се деградира.
Актуелната епизода во односите со Бугарија, една година по потпишувањето на договорот за пријателство, го отвора прашањето дали ако целосно се спроведе спогодбата со Грција, ќе треба понатаму на секој чекор да се извинуваме дека сме Македонци, со оглед на уште поголемата асиметричност на спогодбата од Мала Преспа.
– Договорот со Бугарија уште од самиот почеток беше поставен на криво. Основната културна претпоставка е дека договор за пријателство се потпишува меѓу две држави, кои заемно се почитуваат. Во договорот со Бугарија, македонската страна е во подредена положба. Имено, иако Бугарија ја призна Македонија како држава, не ги признава националноста ниту јазикот. А ако некој не те почитувал претходно, нема да те почитува ниту по каков било договор, особено ако му ги прифатиш сите уцени. Во светот досега се нема случено колективната меморија на еден народ да се создава комисиски. А Македонија, во договорот со Бугарија, и уште повеќе со спогодбата со Грција, прифаќа некакви комисии да расправаат за нејзината колективна меморија, националните митови за нејзиниот идентитет. Според овие асиметрични договори, македонската страна е онаа што мора да попушта и да исполнува клаузули за прифатени обврски. Додека другите страни, секогаш имаат право на приговори и на нови уцени – вели историчарот, д-р Тодор Чепреганов.
Што се однесува до согласноста за заедничка прослава на Илинденското востание, како момент на пресек на македонската и бугарската историја, професорот Чепреганов вели дека Бугарите дури во средината на шеесеттите години на 20 век почнале да го прославуваат како Илинденско – Преображенско востание, и тоа по директива на тогашниот бугарски комунистички лидер, Тодор Живков, токму за оспорување на македонската национална самобитност.
– Можеби оваа епизода во македонско-бугарските односи е корисна за премиерот на македонската влада, Зоран Заев, да види како реагираат „пријателите“, кога ќе ја каже својата вистина – вели историчарот Тодор Чепреганов.