Во пресрет на верската манифестација ЕОРДИЈА-ЛИТИЈА, што утре од 15 до 19 часот ќе се одржи во Струга а во чест на празникот Св.Ѓорѓија Победоносец, од струшката полиција информираат дека се преземни сите неопходни мерки за безбедносно одвивање на црковната процесија со акцент на строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од Ковид-19 вирусот.
Од таму појаснуваат дека во периодот од 04 до 06 мај, претставници на СВР Охрид и ОВР Струга, одржале работни состаноци со претставници на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на кои, им била нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од коронавирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски.
– Црковните претставници кои беа во постојан контакт со МПЦ-ОА, информираа за планираните активности пред и за време на одржувањето на Литијата кои целосно се во согласност со сетот превентивни мерки и нагласија дека Литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан – стои во писмениот допис.
Од струшката полиција нагласуваат дека имаат изготвено оперативен план и во согласност со истиот, утре, на 07 мај, ќе биде извршено физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св.Ѓорѓи“ како и целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија и нема да биде дозволено групно движење позади поворката.
Од таму упатија апел до верниците, настанот да го следат од страна без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел, заштита на јавното здравје на населението од Ковид-19.