Какво е образованието таква е државата. А тоа, според последните резултати од тестирањето ПИСА, ја позиционира државата на дното на светската ранг листа. Овие резултати се практично олицетворение на она што континуирано го согледуваме во секојдневниот живот и се одразува преку нефункционалноста на правосудството, политичкиот систем, слабите перформанси во економијата, екологијата, здравството итн. Со еден збор, пропустите во образованието директно се рефлектираат и придонесуваат и за нефункционалност на државата
Последните поразителни податоци од меѓународната студија ПИСА се само уште еден доказ за тоа до која мера е урнисан нашиот образовен систем. Образованието, кое треба да е главниот темел, стожерот во секоја држава, кај нас со години не функционира како што треба, а дека е тоа така покажуваат токму ваквите меѓународни „натпревари“, каде што постигањата и знаењата на нашите ученици може да се измерат и споредат со оние на нивните врсници во светот. На последното вакво тестирање Македонија повторно се најде на дното на листата, меѓу последните десет држави, во друштво на Баку, Казахстан, Мароко, Саудиска Арабија.
Од памтивек останала изреката „какво е образованието таква е државата“. Овие резултати се практично олицетворение на она што континуирано го согледуваме во секојдневниот живот и се одразува преку нефункционалноста на правосудството, политичкиот систем, слабите перформанси во економијата, екологијата, здравството итн. Со еден збор, пропустите во образованието директно се рефлектираат и придонесуваат и за нефункционалност на државата.
Зошто сме на дното и како да се извлечеме оттаму? Во потрага по одговори на овие прашања, поразговаравме со проф. д-р Петар Атанасов, социолог, долгогодишен и одличен познавач на состојбите во образованието, кој до неодамна беше и заменик-министер за образование. Според Атанасов, лошите резултати се должат токму на тоа – на несериозноста на државата кон секторот образование.
– Предолго се експериментира и се прават промени што не го менуваат лошиот резултат. На системот на образование му се потребни лидерство и промени од страна на луѓе што го разбираат и го сакаат образованието. Такви кадри во овој систем на образование има на грамови. Нашите деца се лошо подготвени, или недоволно подготвени за овие меѓународни тестови. Децата не се подготвени да решаваат логички прашања, да поврзуваат одговори, да вкрстуваат знаење, да читаат нов текст и веднаш да го разберат, да отидат малку подалеку од стереотипните и празни дефиниции. Често на меѓународните тестирања ПИСА, ТИМС или ПИРЛС децата и не ги решаваат тестовите докрај. Децата, исто така, не ги учиме да размислуваат. Да се стимулира нивната имагинација, љубопитност.
Знаете, наставниците не работат доволно со децата. Особено во руралните средини. Само се претрчува по програмата, која и онака е преобемна. Децата најчесто се оставени сами на себе, на поддршката од семејството, на нивните мобилни телефони, на општеството, кое не стимулира. Само исклучително талентираните деца и децата чии родители се поимотни и вложуваат во нив дополнително, ќе одат напред. Наскоро мнозинството од нив ќе се исели од државата – вели Атанасов.
По објавата на резултатите што покажаа дека нашите деца се лоши во читање со разбирање, дека имаат лоши постигнувања по математика и природни науки, министерот Арбер Адеми излезе на прес-конференција и рече дека резултатите треба да нѐ радуваат, бидејќи се подобри од претходните?! На ова, Атанасов вели дека не може да има лош образовен систем, а да се постигнуваат добри резултати.
– Резултатите покажуваат дека сѐ уште сме на дното по постигнувањата споредено со другите земји. Не може да имате лош образовен систем, а да постигнувате добри резултати. Сите земји со кои бевме заедно пред неколку децении се многу понапред од нас. Каква Европа, ние не успеваме да направиме ниту колку што прават Словенија, Хрватска, Србија, но и Црна Гора и Босна и Херцеговина, Албанија е пред нас. Има и големи разлики во резултатите на тестирањата кај нас по градови и според полот, машки и женски деца. Потоа, македонските деца постигнуваат многу повисоки резултати од албанските деца. Овие резултати им се познати на политичарите, но ги игнорираат. Она што е најважно, загубена е довербата во образованието, во училиштата, во наставниците, кои не даваат доволно и повеќе од себе, но и во општеството, кое очигледно стимулира единствено корупција и криминал. Мора многу да работиме, а не го правиме тоа. Нашиот менталитет, кој несвесно се стимулира, е губитнички. Ние не сме мотивирани да победуваме.
Победничкиот дух се гради уште додека децата се мали – додава професорот.
Тој не е оптимист дека работите ќе се променат кон подобро, сѐ додека образовните институции им се препуштени на просечни партиски кадри, кои, освен партиските задачи, ништо друго не ги интересира.
– Еве, да почнам од крајот. На Твитер еден наставник денеска напиша: „Cѐ додека професијата наставник не е предизвик за најдобрите кадри, сѐ додека се нема свест за квалитет, дотогаш вака ќе тераме“. Ние како намерно да правиме сѐ обратно. Не може образовните институции да им бидат препуштени на просечни партиски кадри, кои, освен партиските задачи, ништо друго не ги интересира. Не може да стане наставник некој што е неписмен и ја купил својата диплома. Не може да води училиште некој што е просечен човек. Мора да има селекција. Мора да се стимулираат педагошките факултети да привлекуваат подобри студенти и тие директно да влегуваат во настава. Со стипендиите на Министерството за образование нешто се поправа, ама тоа не е доволно. Во образованието треба да имате наставници и деца што ќе постигнуваат подобри резултати. Примерот со тимот од Велес што освои висока награда во Брисел на тема финансиска писменост покажува дека имаме добар човечки материјал – истакна Атанасов.
Тој вели дека нашите деца имаат многу предмети, а знаат премалку.
– Учат да го препознаваат тоа што е назад од нас, не учат да се снаоѓаат за напред, за новото што доаѓа. Треба обратно, да се намалат предметите, а со децата да се работи на нивните „меки“ вештини – комуникацијата, инвентивноста, аргументацијата, добро познавање на јазикот и многу, многу, читање. Да се воведат конкретни обуки за медиумска писменост, финансиска писменост, употреба на технологијата во учењето, дебатирање и аргументација. Да се опремат кабинетите по природни науки. Нашите училишта и наставници заборавија дека децата треба и да созреваат, да се воспитуваат, да учат, но пред сѐ да уживаат во своето образование – нагласи Атанасов.
Неодамна едно друго истражување за состојбите во правосудниот систем исто така покажа дека причините за грешките и нефункционалноста на правната држава се токму големите и длабоки пропусти во образованието. Истото тоа се однесува и на сите други сегменти на живеењето. За да се подобрат состојбите во сите области, потребни се вистински, коренити и сеопфатни промени и реформи, наместо празна реторика и игра со зборови.