Тим тинејџери од земјава е еден од петте победнички тимови што ќе добијат стручно менторство и 20 илјади долари почетни финансиски средства за проширување на својата иницијатива со мобилната апликација „Спик аут“ (Speak Out) – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство, јавува МИА.
-Денеска во Њујорк, УНИЦЕФ и партнерите ги објавија петте победници во светот на предизвикот Generation Unlimited. Тимот „АндроМета“, составен од тинејџери од Македонија, со мобилната апликација „Спик аут“ – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство – е меѓу оние кои ќе добијат стручно менторство од партнерите на „Џенерејшн анлимитед“ и по 20 илјади долари почетни средства за проширување на својата иницијатива – соопшти денеска Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива „Џенерејшн анлимитед“ која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.
-Земјата треба да се гордее со овие млади и бистри умови. Тие докажуваат дека кога ќе им се даде можност, младите овде имаат идеи и енергија да создадат подобар свет за себе. Преку соработка, тие не само што се фаќаат во костец со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација, туку и учат нови преносливи вештини како што се вештините за решавање проблеми, иновација, претприемништво кои ќе им помогнат да одржат чекор со променливите барања на пазарот на трудот на утрешницата и ќе придонесат за просперитет на државата – рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
„Спик аут“ е мобилна апликација која ги мотивира младите анонимно да побараат помош и да дадат поддршка на своите врсници. Ним им се нудат две опции за добивање помош. Јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден.
Членови на тимот се Александра Поповска – 18 години, Дарио Стојанов – 16 години, Матеј Плавевски – 16 години, Амра Личина – 17 години и Данче Петрушевска -18 години.
Во младинскиот предизвик „Џенерејшн анлимитед“ се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји за да побараат одговор на неодложното прашање: како да се постигне секој млад човек да добие образование, вештини и оспособеност за изградба на подобра иднина.