Успешни претседателски избори без манипулации и слободно изразена волја ќе биде многу важна работа. Со тоа ќе се сврти страницата од 27 април и ќе се покаже дека земјата е зрела да забрза по Европскиот пат, изјави денеска во Велес францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
– Скептицизмот кој би можел да постои не доаѓа од нашите Влади, тие немаат ништо против Северна Македонија, напротив. Скептицизмот постои кај нашето јавно мислење, затоа што тоа за овој регион има претстава дека е регион кој повеќе испорачува проблеми отколку решенија. Договорот од Преспа е спротивен сигнал, поддржан од сите, но тој треба да се зајакне преку спроведување реформи, но и зајакната политичка клима. Тоа е пораката до политичките партии – рече амбасадорот Тимоние на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, градоначалникот Аце Коцевски.
Францускиот амбасадор, меѓу другото, посочил дека патот на нашата држава кон ЕУ не е воопшто лесен, бидејќи сме исправени пред голем број на услови, но услови, ко што вели, дека се добри за вас.
– Ние токму тоа сакаме да го направиме, да ве придружуваме на тој пат. Да ви помогнеме заедно чекор по чекор да напредуваме. Но, за да се постигне тоа потребно е сепак чувство за национално единство, но и чувство за национален интерес. Воедно тука се и одредени рокови коишто треба да бидат исполнети со изгласување на одреден број закони во Собранието. Ние со нетрпение очекуваме сите тие закони да бидат изгласани, но и да се увериме дека оние закони коишто беа изгласани од пред неколку месеци се спроведуваат. На добар пат сте, но потребно е сега да се забрза темпото – потенцира амбасадорот Тимоние.
Францускиот амбасадор Тимоние и градоначалникот Коцевски, освен за поддршката на Франција на земјава на патот кон ЕУ разговарале и за состојбите на општината и за тоа како во Франција подобро да се презентираат македонските вина што според него е добра инвестиција.
– Тука сум и да ја поддржам и целокупната работа што ја спроведуваат невладините организации, особено Француските. Една од нив ќе допатува во Велес и ќе донесе донација за Болницата – потенцира Тимоние.
Посочи дека тоа е и суштината на Европа, создавање на таа Европска солидарност и вистинско пријателство меѓу народите, а што може да се случи само ако взаемно добро се познаваме.
– Но и ние сме среќни и сакаме што подобро да ги запознаеме вината од Република Северна Македонија и затоа ми спомнавте за таа идеја да се запознаат македонските вина во Франција. Јас ја подржувам таа идеја затоа што тое е многу добра инвестиција – оцени Тимоние.