Од почетокот на 2020 година се очекува да почне да функционира 5Г-мрежата низ Европа, како и во делови од Македонија, но недоволната информираност на граѓаните за оваа технологија внесува страв од евентуални штетни последици по здравјето. По најавите за поставување на новата 5Г-технологија, во светот се јавија многубројни граѓански здруженија, политички партии како и здравствени работници кои бараат најпрво добро да биде испитана оваа технологија за да се утврди дали го загрозува човечкото здравје.
Инаку, новата мрежа наречена 5Г означува петта генерација на мобилната комуникација. Таа доаѓа како надградба на постојните системи – 4Г(ЛТЕ/ВиМакс), 3Г(УМТС) и 2Г(ГСМ). Нејзина цел, меѓу другото, е да овозможи пренос на поголемо количество податоци и да ги зголеми поврзаноста и густината на уредите што ќе можат да се приклучат на мрежата. Истовремено, таа би требало да ги намали доцнењето, потрошувачката на енергија и цените.
Но и покрај сите овие придобивки, дел од јавноста реагира на најавите за поставување на овој тип мрежа, сметајќи дека новата технологија не е доволно испитана и дека може да има последици по здравјето на луѓето, а се скептични и во однос на ефектите од веќе инсталираните уреди.
– Никој не сака антени во своја близина, тие зрачат, впрочем тоа им е принципот на работа. Пред десетина години еден оператор ми нудеше да постави базна станица на мојата куќа, бидејќи живеам во повисок дел на градот, а за возврат ми нудеа бесплатен Интернет, телефон и телевизија. Не се согласив, бидејќи ми е страв од зрачење – вели Петар Лазаревски, жител на скопската населба Водно.
Тој додава дека кога му стигнала понудата од операторот се побуниле и неговите соседи, бидејќи ниту тие не сакале антени во близина на нивните домови.
– Не знам дали е опасно или не, но јас немам верба во она што го велат надлежните, бидејќи нивна работа е да нè убедат во спротивното – нагласува Лазаревски.
Со слични размислувања деновиве реагираат луѓето и во другите земји. Во Хрватска против воведување на 5Г-мрежата застана и една политичка партија.
– Со оглед дека Хрватска е позната како високо корумпирана земја, изгледа дека тука е плодно тло врз нас да се вршат експерименти. Жив ѕид тоа остро го отфрла. Не сакаме да бидеме ничии експериментални глувци, сакаме да се спроведат студии за влијанието врз човечкото здравје – изјави Тихомир Луканиќ, генерален секретар на партијата Жив ѕид и кандидат на изборите за Европскиот парламент.
Од оваа партија уште се заложија и за исфрлање на безжичните уреди за Интернет од училиштата.
Освен на Балканот, скептични кон воведувањето на 5Г-мрежата се и во некои европски земји, како и во САД. Неодамна до германскиот парламент беше доставена петиција во која се бара запирање на имплементацијата на 5Г-мрежата во земјата, а слични петиции има и во САД, Велика Британија и Франција. Како што е наведено во петицијата доставена до германскиот парламент, новиот 5Г-стандард емитува таква радијација која се апсорбира од страна на човечката кожа, зголемувајќи го ризикот од појава на рак, клеточен стрес и генетски промени. Стручњаците од здравствените организации и агенциите за телекомуникации сметаат дека дејствувањето на 5Г треба внимателно да се следи и истражува, но истакнуваат дека стравувањата кај луѓето постојат уште од појавата на 2Г-мрежата во 80-тите години на минатиот век, без оглед што нема медицинска потврда за штетноста на овие технологии.
– Луѓето не се запознаени со оваа проблематика. Кога ќе видат некоја нова базна станица тие се плашат и реагираат. Со 5Г-технологијата ќе има поголем број базни станици, но нивото на нејонизирачко зрачење ќе биде уште помало – вели Јонче Грозданоски, раководител во Секторот за контрола и мониторинг на базните станици при Агенцијата за електронски комуникации.
Тој додава дека се почитуваат сите европски стандарди за нејонизирачко зрачење и дека она што тие го контролираат и мерат од сегашните базни станици е под дозволеното ниво, односно станува збор за многу мало зрачење кое нема никакви последици по здравјето на луѓето.
– Потребно е луѓето да бидат запознаени со новите технологии, а со примената на 5Г-мрежата придобивките ќе бидат огромни за сите – додава Грозданоски.
Сите овие мислења, истражувања и искуства, сепак, не даваат конкретен одговор на прашањето дали споменатата технологија е штетна по здравјето на луѓето, поради што е неопходно внимателно да се следат и проучуваат сите нејзини влијанија како врз здравјето на луѓето така и врз околината воопшто.