ЕКИПА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ НА МЕЃУНАРОДНИОТ АЕРОДРОМ „СКОПЈЕ“
Обезбедена е и специјална изолациска соба на аеродромот, со лекарска екипа за прегледи на сомнителни случаи и телефонски број на кој патниците со симптоми на грип ќе може да бидат побарани за следење на состојбата. Освен термалната камера, на Инфективната клиника има и соби за изолација, како и специјална стаклена капсула за транспорт на евентуално заразени
Термалната камера за проверка на патниците што доаѓаат од потенцијални кризни области со коронавирусот, односно за летовите од Дубаи и од Истанбул, вчера беше поставена на скопскиот аеродром, откако пред два дена комисијата за заразни болести заедно со министерот за здравство Венко Филипче ја постави оваа мерка како приоритетен чекор за заштита од опасниот вирус. Активирана е и специјална изолациска соба на аеродромот со лекарска екипа за прегледи на сомнителни случаи и телефонски број на кој патниците со симптоми на грип ќе може да бидат побарани за следење на состојбата.
Сепак, вчера претпладне патниците што пристигнаа од Истанбул и Дубаи на скопскиот аеродром не ги поминаа превентивните прегледи за заштита од смртоносниот коронавирус. Термалната камера не можеше да профункционира целосно, зашто беше во тек на техничка подготовка за активација.
Се очекува таа да биде во целосна функција за вечерното слетување на авионот од Истанбул, а од денеска да биде активирана за сите летови од Дубаи и Истанбул.
Лекарите на аеродромот во Скопје треба да реагираат ако термалната камера забележи дека некој од патниците има температура повисока од 38 степени. Во тој случај докторите треба да го запрат патникот, да поразговараат со него дали бил во ризичните региони, да го однесат во специјалната соба и да му извршат дополнителни прегледи. Ако патникот има симптоми, треба да го изолираат и да бараат екипа на брза помош за да го однесе на клиника.
Истиве мерки беа преземени и за време на епидемијата на птичјиот грип.
Освен термалната камера, на Инфективната клиника има и соби за изолација како и специјална стаклена капсула за транспорт на заразени, која беше набавена за време на кризата со ебола.
Патниците што вчера пристигнуваа од европските аеродроми велат дека засега не забележале панични реакции на аеродромите низ европските градови и дека превентивните мерки се преземаат и се одвиваат беспрекорно.
Актерска екипа од Македонија се врати минатиот четврток од Пекинг, а според лекарите досега не појавиле симптоми на болеста.
Македонското дипломатско конзуларно претставништво во Кина вчера информира дека досега не е пријавен ниту еден случај на македонски државјанин заболен со коронавирусот.
– Досега нема ниту пријавени македонски државјани што се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење, на кои би им била потребна помош. Во Кина легално престојуваат околу 100 македонски државјани, кои се во постојан контакт со нашето дипломатско конзуларно претставништво – велат од МНР.
Според најновите податоци, од овој вирус во Кина досега починаа најмалку 80 лица, а околу 3.000 лица се заразени.