Независно од тоа дали тие нам ни се допаѓаат, дали се кич или врвна уметност…, спомениците подлежат под Законот за авторско право. И како современ авторски труд, тие претставуваат одредено уметничко гледиште, или интерпретација на уметникот. Во краен случај, тоа уметничко гледиште може да биде и пародија, потсмевање со историјата. Членот 8 од Преспанскиот договор е совршена илустрација за примена на орвеловски методи за интервенција во историјата на еден народ, вели професорката на Правниот факултет при УКИМ, Гордана Силјановска-Давкова.
Ирационалниот спор што ѝ беше наметнат на Република Македонија од страна на Грција уште пред 27 години, пред една седмица влезе во кулминација со невообичаено асиметричен договор, според меѓународната дипломатска практика. Со депонирање на потписите, обете потписнички страни се на мислење дека со него би требало на компромисен начин да се надминат проблемите што ја попречуваа(т) Македонија во нејзините евроатлантски интеграции. Но, истовремено, низ диоптријата на меѓународното право и дипломатијата токму правници, дипломати, професори по историја итн., во името на евроатлантската перспектива, сметаат дека Република Македонија со секој член од договорот прифаќа обврски со кои систематски си го суспендира правото на самоопределување, си го ограничува суверенитетот и дозволува мешање во внатрешниот поредок, односно менување на Уставот.
Некои членови од Преспанската спогодба, кога не би предизвикувале разградување на македонскиот културен идентитет, би биле совршена подлошка за политичко-историска пародија, но сега претставуваат обврска што „втората страна“ од договорот треба да ги исполни за го добие правото за промена на идентитетот во Република Северна Македонија. Една од тие одредби во договорот е членот 8 (став 2 и 3) со кој Република Македонија се обврзува, „во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа спогодба, втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите тие на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културно наследство на првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејства за делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.
Грчкиот мит од 19 век се темели на расните теории за супериорноста на грчката нација и следствено – инфериорноста на соседите, тие ја исфрлаат идејата за т.н. славофоно население. Да поедноставам. За Грците, Македонци нема. За нив, има „некои“ што зборуваат некаков словенски идиом (не јазик), и според нив тие „некои“ нелегитимно словенизирале грчко население, некогаш, во минатото. Врз база на оваа теза, тие вршеа асимилација и неретко протерување и етничко чистење во последните стотина години. Сега, со договорот, ова ќе треба да си го свариме како што знаеме и да признаеме дека во Грција живеат само Грци, анализира професорот Страшко Стојановски
Понатаму, во ставот 3 од истиот член 8, „Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“.
Ваквите одредби во договорот помеѓу Македонија и Грција, се секако невообичаен преседан како тема и содржина на еден договорен меѓународен акт, со кој една држава ѝ ја (пре)уредува историјата на друга земја.
– На првата страна никогаш не ѝ пречело да имаме античко минато. Тоа е илузија што ни се продава. На првата страна ѝ пречи секое врзување на нашата историја со делот што тие го поседуваат и со целата историја што таму се создава. Проблемот со историскиот наратив јас смело го нарекувам – територијализација на националниот мит. Бидејќи грчкиот мит од 19 век се темели на расните теории за супериорноста на грчката нација и следствено – инфериорноста на соседите, тие ја исфрлаат идејата за т.н. славофоно население. Да поедноставам. За Грците, Македонци нема. За нив, има „некои“ што зборуваат некаков словенски идиом (не јазик), а тој е резултат на насилно, или, во најмала рака, нелегитимно словенизирање на грчкото население, некогаш, во минатото. Врз база на оваа теза, тие вршеа асимилација и неретко протерување и етничко чистење во последните стотина години. Сега, со договорот, ова ќе треба да си го свариме како што знаеме и да признаеме дека во Грција живеат само Грци – анализира професорот Страшко Стојановски, на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Со одредбите од членот 8 на Преспанскиот договор, Македонија се обврзува на современите споменици на нејзина територија (иако не е наведено, но главно се мисли на оние од проектот „Скопје 2014“), да постави ознаки дека тие реферираат на елинската историја и цивилизација.
– Оваа одредба во спогодбата меѓу Македонија и Грција, е уште поапсурдна, ако се земе предвид дека се однесува на модерни споменици, кои се авторски труд. Независно од тоа дали тие нам ни се допаѓаат, дали се кич или врвна уметност…, тие подлежат под Законот за авторско право. И како современ авторски труд, тие претставуваат одредено уметничко гледиште, или интерпретација на уметникот. Во краен случај, тоа уметничко гледиште може да биде и пародија, потсмевање со историјата. Членот 8 од Преспанскиот договор е совршена илустрација за примена на орвеловски методи за интервенција во историјата на еден народ – вели професорката на Правниот факултет при УКИМ, Гордана Силјановска-Давкова.
Освен што е апсурден, членот 8 од спогодбата во Нивици, за историчарот Никола Жежов претставува грубо мешање во внатрешните работи на Република Македонија и отуѓување на македонското културно и историско наследство. Во поглед на правото на елинската историја и цивилизација, на кои се повикува „првата страна“, Жежов смета дека грчката историографија успеала да го наметне својот став дека историјата на античка Македонија е дел од хеленската цивилизација.
– Според мене, историјата на античка Македонија и хеленизмот се сосема различни историски поглавја. Но тоа треба да го (до)кажат и македонските историчари, кои ја проучувале античката историја и имаат трудови во таа област. Навистина ме зачудува што сѐ уште молчат. Но, со овој член 8 од спогодбата, не само што се откажуваме од правото на историјата од античкиот период, туку и од целата историја на територијата на Егејска Македонија – заклучува историчарот Никола Жежов.