Несвестица, покачен или намален крвен притисок, главоболки, вртоглавици, повраќање, се само некои од симптомите на кои се жалат граѓаните како последица на доста променливото време изминатиов период. Прво наглиот пад на температурите за дури 15 степени минатиот викенд, а потоа и вчерашното затоплување предизвикуваат сериозни нарушувања на здравјето на луѓето. Хронично болните имаа влошување на здравствената состојба, додека граѓаните без посериозни здравствени проблеми се соочија со лошо расположение, сонливост, пад или пораст на крвниот притисок, нагон за повраќање, но и вртоглавици.
– Уште пред да дојде најавената промена на времето, чувствував ревматични болки, болки во зглобовите, но и натежната глава проследена со главоболка и пад на притисокот. Иако немам здравствени проблеми, доста лошо ја доживеав промената на времето. Во моето семејство баба ми е со хронично заболување – астма, па таа уште полошо ја доживеа промената на времето – вели скопјанката Сања Јованова.
Во брзата помош велат дека со секоја нагла температурна промена, особено сега во овој период кога е драстична разликата меѓу дневната и ноќната температура, имаат зголемен број повици од страна на граѓаните.
– Главоболките, вртоглавиците, покачениот или намалениот крвен притисок, нагоните за повраќање се најчестите симптоми на кои се жалат граѓаните во овој период од годината. Оние што имаат хронични заболувања треба редовно да го посетуваат својот матичен доктор, кој ќе им ја даде соодветната терапија, додека оние што досега немале проблеми на пример со притисокот, но со промената на времето забележале негово покачување или намалување, да се јават кај својот матичен доктор за да добијат соодветна терапија – вели Милица Бубало, раководителка на брзата помош со домашно лекување при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје.
И од службата „Ало, докторе“ информираат дека генерално, симптомите на кои најчесто се жалат граѓаните се карактеристични за секоја промена на времето. Нагла промена на времето имаше и вчера, кога дневните температури во земјава достигаа и до 20 степени. Од Управата за хидрометеоролошки работи информира дека до петок ќе биде претежно сончево со значителен пораст на дневната температура, освен денеска за кога најавуваат засилен северен ветер и зголемена облачност со услови за слаб локален дожд. Повторно зголемување на облачноста со локални врнежи се очекува за време на викендот.