Фото: Дарко Андоновски

Во пресрет на грејната сезона повторно со старите дилеми и проблеми

Загрижува сѐ позачестената тенденција како средство за огрев во домовите или во работилниците да се користат прегорено масло, пластика, стар мебел, изваден паркет, отпадни штици, оштетени ОСБ-плочи, палети, пластични шишиња, парчиња стиропор и други производи, кои испуштаат многу штетни материи и го загадуваат воздухот

Наближува грејната сезона, а по најавите на метеоролозите за драстичен пад на температурите во следниот период, граѓаните стравуваат дека повторно нивото на загадување на воздухот ќе се искачи до највисоките граници.
Имено, поради високите цени на огревното дрво, некои до луѓето купуваат помали количества, кои ги користат во периодот кога е најстудено, обично во декември, јануари и февруари, додека во преодниот период, октомври-ноември и март-април, домовите ги загреваат буквално со сè што гори.

Од градежните локации речиси секој ден може да се забележи понекое камионче како изнесува отпадни штици, греди, оштетени ОСБ-плочи, палети, кои завршуваат во приватни печки. Овој материјал има поголем процент на влага бидејќи е користен при бетонирање, така што кога ќе се стави да гори предизвикува интензивно чадење и затнување на оџаците.

Особено загрижува употребата на стар мебел, паркет, како и дограма за загревање, бидејќи тие уште во процесот на производство за првичната намена се посебно хемиски обработени, така што кога ќе се стават во печките и ќе се користат за затоплување на домовите, освен што испуштаат штетни токсини во самата просторија, испуштаат и штетни честички во воздухот.

– Веќе две-три години од оџакот на една куќа во соседството излегува црн чад проследен со непријатен мирис. Обично така е наутро и попладне, претпоставувам пред да заминат и кога се враќаат од работа. Не знам што користат тие луѓе за потпалување на огнот бидејќи дефинитивно таков чад не се создава од огревно дрво – коментира Тодор Лазаревски од скопско Лисиче.
Тој додава дека токму населбите каде што нема централно греење продуцираат најголемо загадување.

– Секоја година стандардот на луѓето опаѓа, оние што во минатото купувале по осум кубици дрва, сега намалија на четири, а преостанатиот период се догреваат со што ќе стигнат. Има еден куп гаражи, работилници и што ли уште не, каде што има печки на прегорено масло. Треба инспекциските служби да се засилат со луѓе и да можат, доколку забележат необичен чад од оџаците, да направат увид со што се греат луѓето, па ако има законска основа и да ги казнат, оти кај нас без казни ништо не бидува – вели Лазаревски.

Се чини дека инвентивноста на луѓето нема граници кога станува збор за тоа како поевтино да ги загреат своите домови, па во последно време оние најснаодливите прават модификации на печките и се греат на дотраено масло од автомобили. Други користат пресувани весници, дрвени струготини и парчиња стиропор, буквално сè што може да даде пламен, а во најлош случај сево ова го комбинираат со пластични шишиња.

Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина нагласува дека нивните инспектори немаат овластувања да влезат во приватни куќи, туку нивниот фокус се индустриските објекти.
– Влегување на приватен имот може да се направи само со судски налог, но за да се издаде налог, потребно е да се обезбеди доказ дека домот се загрева со некоја штетна материја, а тоа оди тешко – вели Блинков.

Според него, општинските сектори за животна средина спроведуваат анкети за тоа како се грее населението во нивниот регион и имаат подобра претстава за начинот на загревање на домовите. На иста линија е и првиот човек на инспекцијата на градот Скопје, Мирослав Богдановски, кој вели дека без налог не можат да влезат на приватен имот, а ситуацијата дополнително ја отежнува немањето правилник за гранични вредности на штетните материи во воздухот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Инспекторите немаат законска можност да влезат во нечиј дом без судски налог. Инспекторите за животна средина доколку во приватните дворови забележат отпад можат да реагираат и да донесат решение за постапување, односно чистење на тој приватен двор. Исто така е проблем немањето правилник за цврсти горива, односно да се знае колкава е дозволената влажност на дрвата, кои домаќинствата можат да ги користат, исто така да се знае што сè е дозволено за едно домаќинство да може да се грее. За жал, немаме таков правилник и тука во однос на домаќинствата инспекторите се со врзани раце – вели Богдановски.

Токму по едно такво истражување во рамките на проектот „Скопје дише“, во кој биле опфатени нешто над 5.000 домаќинства во Скопско, 40 отсто од анкетираните изјавиле дека одлуката за начинот на греење ја носат врз база на месечните трошоци, а само еден отсто од испитаниците решавале за тоа како ќе го загреваат својот дом врз основа на тоа колку таквото загревање загадува.

– Жителите на општините што не се поврзани на системите за централно греење имаат тенденција за користење биомаса, пластика и други отровни материјали (јоргани, гумени чизми и др.) за греење. Оваа практика е особено опасна, бидејќи го загадува и амбиенталниот воздух, но и воздухот во просториите каде што се живее и предизвикува тешки респираторни заболувања – се констатира во истражувањето.
Анализите на Светска банка покажуваат дека токму штетните честички во просек секоја година предизвикуваат 1.351 смртен случај поради развивање на болести на белите дробови, на срцето и на крвните садови, како и зголемена појава на хроничен бронхитис, астма и други помалку сериозни заболувања.
Според Светска банка, 44,8 отсто од издатоците за лекување поради загадениот воздух отпаѓаат на жителите на Скопје, 8,5 отсто на Битола, 8,0 отсто на Куманово, 5,1 отсто на Тетово, 4,8 отсто на Велес…

Познавачите на состојбите велат дека треба континуирано да се работи врз едукација на луѓето да не употребуваат секакви материи за горење, а од друга страна, апелираат и до државата да го забрза процесот на гасификација на земјата со што би биле опфатени подрачјата каде што нема централно греење.


БЕГ ја стартува новата грејна сезона

Поради падот на надворешната температура, од денеска 7 октомври (понеделник), започнува новата грејна сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ.
Од компанијата информираат дека, во согласност со правилата за снабдување со топлинска енергија, испораката на топлинска енергија за потрошувачите може да започне и пред 15 октомври, но не пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред официјалниот почеток на грејната сезона, односно 15 октомври, ја носи Регулаторната комисија за енергетика.