Во изминатиот период во голем број наврати битолчани се уверувале во значењето на Стрежевскo Езеро. Акумулацијата што е изградена во осумдесеттите години, со средства од Светска банка, е еден од најзначајните ресурси за редовно снабдување на Битола и соседните општини Новаци и Могила, како со вода за пиење, така и за снабдување со вода на земјоделските површини на комбинатот Пелагонија, индустријата и термоцентралите на РЕК „Битола“.Благодарение на изградбата на Стрежево битолчани неколку децении буквално никогаш не почувствувале недостиг од вода за пиење. Во Битола и во најсушните периоди од годината редовно со вода за пиење се снабдуваат и битолчани што живеат дури и во највисоките места во градот, кои до изградбата на системот мака мачеа како да се обезбедат со пивка вода за пиење.
За тоа колкаво е значењето на Стрежевско Езеро, битолчани најдобро се уверија и деновиве, кога поради сушата, јавното комунално претпријатие „Водовод“, чии резерви на вода се буквално исцрпени, деновиве мораше да ги вклучи пумпите за снабдување со вода за пиење на граѓаните од Стрежевско Езеро.
– Веќе изминува шеснаесетта недела како Битола и регионот се зафатени од суша. Ваквата суша доведе до исцрпување на водните ресурси на ЈКП „Водовод“ Битола. Состојбата е, би рекол, дури алармантна. Не се памети ваков сушен период, да не заврне ни капка дожд цели 16 недели – вели Горан Козаров, првиот човек на ЈКП „Водовод“. Тој предупредува водата во Битола рационално да се користи, зашто градот под Пелистер може да се соочи со недостиг од вода за пиење и алармантна состојба, доколку во наредните денови не падне дожд.
– Се приближуваме кон алармантно ниво. Тоа значи дека десет недели со ред пумпаме вода од хидросистемот „Стрежево“, интензивно со три-четири пумпи. Акумулацијата е на пониско ниво, но не е дојдено на тој биолошки минимум на 30-40 милиони метри кубни вода. Квалитетот на водата сѐ уште е добар, ние ги зачестивме испитувањата во филтерницата за квалитетот на водата да биде на исто ниво како што треба да биде по сите светски стандарди. Дневната потрошувачка се движи од 400 до 600 литри во секунда, што е на високо ниво – нагласува Козаров.
Од јавното претпријатие „Стрежево“ уверуваат дека нема место за паника и дека и покрај тоа што во моментот сушата си го чини своето, сепак во акумулацијата на Стрежевско Езеро има доволно вода за редовно снабдување со квалитетна вида не само за пиење, туку и за потребите на индустријата, РЕК „Битола“, а и за наводнување на земјоделските површини. Но како и во ЈКП „Водовод“ така и во ЈП „Стрежево“ сите погледи се насочени кон небото во очекување конечно да падне дожд или снег, за да се наполни акумулацијата на езерото, која има капацитет од 109 милиони кубни метра вода.
Од друга страна, според вработените во „Стрежево“ езерото најдобро се полни со вода од топењето на снегот, а не од повремените дождови. Затоа тие посакуваат конечно да падне и првиот снег, кој по топењето би го наполнил езерото, кое со деноноќното црпење на водата од страна на ЈКП „Водовод“ сѐ повеќе се празни. Инаку, хидросистемот „Стрежево“ е изграден во 1982 година. Алиментацискиот канал е долг вкупно 61,5 км и ги зафаќа водите од 7 водотеци од Пелистер.