Судскиот совет донесе одлука да ја разреши поранешната претседателка и досегашна судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова од судиската функција. Одлуката била донесена едноглсно од сите членови на советот.
Иницијативата за разрешување на Неделкова дојде од разрешениот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој, за неговата колешка поднесе две барања за разрешување до Судскиот совет.
Првото е за тоа дека Неделкова како претседателка на одделот за казниви дела во Врховниот суд на 25 март 2016 година изготивла писмо со невистината содржина адресирано до Кривичниот суд, во кое е наведено дека одделот го разгледал барањето и укажал дека СЈО мора соодветно да се легитимира за својата надлежност, иако одделот не одлучувал за тоа барање. Истото писмо потоа повторно било заведено со друг датум и доставено до судот.
Експретседателот на Врховниот суд, поднесе кривична пријава против Неделкова до Скопското обвинителство, но таа беше отфрлена.
Вангеловски ја иззема Неделкова да суди предмети на СЈО со образложение дека нејзиниот син Давид, работи во СЈО и ја прераспореди од кривичниот оддел во одделот за судска пракса.
На истата седница на Судскиот совет биле формирани комисии за разрешување на уште 13 судии за кои Советот добил барања по кои треба да постапува, а меѓу нив има судии од основните и од апелационите судови.