Седницата за поротничката од „ТНТ“ останува на 27 јануари и нема да биде презакажана до 10 јануари, како што бараше адвокатот на поранешниот градоначалник, Тони Трајковски, кој најави и кривични пријави, се вели во соопштението на Судскиот совет, во кое писмата на адвокатот Јовица Страшевски се осудени како закани.
– Судскиот совет на РСМ го осудува однесувањето на адвокатот Јовица Страшевски бранител на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, во случајот „ТНТ“ кој јавно им се заканува на судијата-поротник, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје и на претседателот и членовите на Судскиот совет. На овој начин адвокатот Страшовски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот ТНТ, да ја превземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чии сегмент е и принципот на судење во разумен рок – се наведува во соопштението.
Судскиот совет наведува и дека не може да се меша во менаџирањето на предметите, но оти е заинтересирана постапките да се извршат без одолговлекување.
– Судскиот совет не може да се меша во менаџирањето со предметите но е заинтересиран постапките да се завршат без одовлекување во разумен рок. Судскиот совет известува дека барањето на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје за продолжување на мандатот на судија-поротник беше ставено на дневен ред на 328-та седница на Судскиот совет од 25 декември 2019 година. Дел од точките од дневниот ред беа одложени за 30 декември 2019 година. Поради немање кворум за одлучување и потребата материјалите да бидат доставени на увид и проучување на новоизбраниот член на Советот, седницата се одложи за 27 јануари 2020 година – пишува во соопштението.