Министерството за образование и наука преку соопштение информира за пристигната пресуда од страна на Управниот суд со која се уважува жалбата на општината за донесеното решение за одземање на ингеренциите на општина Гостивар за разрешување и назначување директори во основни и средни училишта поради незаконски постапувања од страна на локалната самоуправа.
– Ваквата пресуда, согласно содржината на дописот на Управниот суд е донесена поради тоа што од страна на МОН не е доставена целокупната документација во врска со овој случај, како и поради нечитливост на дел од доставените списи. Но, донесената пресуда не значи дека судот потврдува дека општината постапувала законски кога разрешувала и именувала директори на училишта, ниту пак значи дека Министерството за образование и наука не постапило правилно со носењето на одлука за одземање на ингеренциите во тој дел – информира МОН.
Врз основа на донесената пресуда на Управниот суд, МОН има две опции. Да донесе повторно решение за одземање на ингеренциите на општината или да ја обжали пресудата до Виш управен суд.
– Министерството за образование и наука одлучи да ја искористи втората правна можност и информираме дека веќе е покрената постапка пред Вишиот управен суд, за што е доставена целокупната документација со која Државниот просветен инспекторат и Државната комисија за одлучување во постапка од работен однос во втор степен констатираат низа незаконитости во работењето на општината и врз основа на која е досега постапувано во овој случај. Се надеваме дека како и пред една година, надлежниот орган повторно ќе го потврди незаконското именување и разрешување директори на училишта од страна на општина Гостивар преку носење на одлуки врз база на политика и политичка припадност на кадровските решенија – се наведува во соопштението.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, пак, на Фејсбук ја објави пресудата со која се поништува решението за одземање на ингеренциите за именување и разрешување директори на основни и средни училишта, од страна на локалната власт во Гостивар. Таравари побара од министерот за образование Арбер Адеми да се извини и да поднесе неотповиклива оставка.