До воспоставувањето на новите граници пред сто години во селата на Мала Преспа стоотстотно живеело македонско – словенско население. Таму сѐ било македонско. Jазик и идентитет. Сите топоними биле македонски, народот сто отсто бил со словенско, македонско чувство. Не со бугарско, туку со македонско, што треба посебно да се нагласи. Говорот бил македонски со дијалекти преспански и лерински. Денес, нецели сто години подоцна, сѐ е грчко. Грчка власт, војска и полиција, грчки јазик и писмо, грчки училишта и учители, грчки цркви и попови. Сѐ е преименувано, добило ново име, нов идентитет, нова националност. Какво достоинство, каков дигнитет, какви човекови права. Насилно грчки имиња и презимиња им се давани на луѓето од најмладо до најстаро. Нова грчка топонимија, од град до село, од место до месност, до ридски дол до шумска падина, од извор до река, од ливада до селска чешма. Тамошна Мала Преспа (Микро Преспас) од исклучиво македонска сто отсто е погрчена, од точка до запирка
Мојот помлад пријател и бивш комшија во Ресен, Илче Стрезо, познат чаршиски човек, чувар на спомени и устен прикажувач на делови од преспанската историја и луѓето во неа, ми ја даде идејата да напишам нешто за Преспа. Не случајно и рекламно во пресрет на летната туристичка сезона, туку во склопот на најавите дека по постигнувањето на договорот за името меѓу Македонија и Грција, средбата меѓу двајцата претседатели на влади, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе се одржи во Мала Преспа, на територијата на Грција. Во некое тамошно село, во некој селски ресторан, зашто таму град нема.
Што е, каде е, која е Мала Преспа? Кои би биле симболиката и наравоученијата од нејзината историја и од нејзините легенди, гледано од денешен, актуелен аспект?
Преспа е сиромашна во реалноста, но преубава со природата што се пресоблекува во сите четири годишни времиња и пребогата во легендите. Мала Преспа, од грчка страна, е само вистинска слика и прилика за неправдите во историјата, за делење на географијата и за несреќната судбина на луѓето од двете страни на сегашната граница. Секако и за односите меѓу двете земји и двата народа во еден цел век.
Судбината со поделбата што ја имаше географска Македонија на макроплан, во микрограници ја доживеа и географска Мала Преспа, (или кај нас позната и како Долна Преспа). Таа е главно компактна територија околу брегот на Големото и на Малото Преспанско Езеро, со многу заеднички географски, биолошки и климатски одредници. Своевремено скоро етнички чиста, речиси стоотстотно словенофонска по национален идентитет на населението. По петвековното турско владеење, е поделена како своина на три држави: Србија, Грција и Албанија. Официјалната гранична тромеѓа е во водите на Преспанско Езеро, близу змискиот остров Голем Град.
Тоа е сторено со исцртувањето на границата по 1913 година, во согласност со Букурешкиот мировен договор по Втората балканска војна. Оваа ситуација, со мали корекции е останата до денес, иако посочената тромеѓа своевремено беше граница на Србија, па на Југославија со другите две земји. Начинот на кој е направено поставувањето на границите е навистина „интересен“, за него од колено на колено се плетат легенди, но по своите последици тој е и исклучително трагичен.
Помеѓу двете светски војни, во еден краток временски период, овие граници сè уште спојувале па населението можело лесно да ги преминува со користење на личните или на семејните документи за идентификација или, пак, со користење специјални гранични дозволи издадени на населението од пограничниот регион. Сѐ уште имало заеднички посети, слави, свадби, мажачки, женачки. Но како што се менувала внатрешната политика во Југославија, Грција и во Албанија, како што се влошувале нивните меѓусебни политички односи, така границите биле наполно затворани. Била спуштена тешка железна завеса, тие станале целосно непробивни и милитаризирани. Воени сили биле поставени од двете страни на границите, и секаква комуникација помеѓу населението била оневозможена и целосно забранета. Приближувањето до нив со децении беше страв и трепет. На луѓето од селата во Албанија, дури долги години им било забрането да се доближуваат до водите на езерото.
Географски гледано во Долна Преспа, во делот на денешна Република Македонија, а утре „Северна Република Македонија“, има 8 села и тоа: Љубојно, како центар, Сливница, Арвати, Крани, Штрбово, Брајчино, Наколец и Долно Дупени. Границата се движи по Баба Планина, а кај месноста викана Маркова Нога е последното место до кое се стигнува со автомобил. Таму има рампа што не служи за ништо, но ја обележува граничната линија. Не треба да се објаснува дека името на месноста е според легенда за Крали Марко чија голема нога, наводно оставила трага кога минувал крај езерото.
Во Мала Преспа во Албанија, која е карши-карши со грчката, има 9 села и тоа: Пустец како општински центар, потоа, Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрновско и Церје. Селата се со стари куќи и со уште постари жители, речиси иселени, мнозинството млади преселени во Ресен и во Битола, а на привремена работа во Грција. Вреди да се назначи дека уште во времето на Енвер Хоџа, кога бил вршен терор и раселување на Македонците, сепак во овој дел на децата им било дадено да имаат часови по македонски јазик и македонска граматика до осмо одделение.
Во случајов, за сегашниот текст, најинтересна е грчката Мала Преспа. Кај јужниот сосед со центар во селото Герман постоеле 25 села и тоа: Герман, Раби (Р’би), Бесвина, Медово, Штрково, Опаа, Рудари, Папли (П’пли), Оровник, Буковик, Букшани, Лок (Л’к), Дреново, Трново, Граждено, Попли, Шаовци, Орово, Дробитишта, Винени, Грамада, Драгумица, Дробитишта, Нивици и Аил (Ахил). Денес селата се со најмногу до 300 жители, (Герман), а во просек помалку од сто жители. Некои од нив се само со по неколку стари куќи, а шест-седум сосема разурнати и напуштени, жива пустелија. Мала Преспа е најзафрлениот, најкрајпатниот, најзапуштениот, најсиромашниот и најзаостанатиот дел од Грција, како економски и инфраструктурно, така и културно и духовно.
До воспоставувањето на новите граници во овие села стоотстотно живеело македонско – словенско население. Таму сѐ било македонско. И јазик и писмо. Сите топоними биле македонски, народот сто отсто бил со словенско македонско чувство. Не со бугарско, туку со македонско, што треба посебно да се нагласи. Говорот бил македонски со дијалекти преспански и лерински. Денес, нецели сто години подоцна, сѐ е грчко. Грчка власт, војска и полиција, грчки јазик и писмо, грчки училишта и учители, грчки цркви и попови.
Сѐ е преименувано, добило ново име, нов идентитет, нова националност. Какво достоинство, каков дигнитет, какви човекови права, сѐ било фрлено на буниште. Македонците имале третман на стока. Строго било забрането говорење на македонски јазик, дури и во домовите, меѓу маж и жена, меѓу татковци и деца. Ако се говорело на улица или на пазар, се одело во затвор. Насилно се давани грчки имиња и презимиња на луѓето од најмладо до најстаро. Со закон определена нова грчка топонимија, од град до село, од место до месност, до ридски дол или шумска падина, од извор до река, од ливада до селска чешма. Тамошна Мала Преспа од исклучиво македонска сто отсто е погрчена, од точка до запирка. Сето тоа остварено со невидена официјална полициска и црковна бруталност, со закани, затвори, логори, прогони, депортации, ликвидации. Тоа траело со децении, а врвот го достигна по Граѓанската војна во 1949 година кога е извршен и масовниот егзодус на Македонците од овие простори.
Македонија, потеклото, јазикот, е само во спомените, во понекое оро, во приказна и легенда и во болката за загубеното, како на оние деца што биле протерани, така и на оние што таму останале, генерации што го живеат последниот животен круг.
Ете, на таа територија, на тамошна локација ќе биде потпишан првичниот договор за разликите околу името меѓу Македонија и Грција. Територија и настани што се живо, незаборавено сведоштво за грчката официјална денационализаторска политика, за нејзиното лицемерство и за тотално менување на македонската национална свест во цел еден век.
Конкретното место каде што би се одржала средбата ќе биде островот Свети Ахил (Агиос Ахилеос) и селото Аил, на вториот по големина од четирите, колку што ги има во преспанскиот воден басен. Ако им се верува на дел од историјата и на многуте легенди, кон крајот на 10 век малиот остров бил државно и духовно седиште на Самуиловата држава, таму Самуил минувал дел од животот, во тамошниот волшебен мир ги планирал воените походи. На него, кога христијанството зело голем замав, биле изградени неколку цркви и манастири, но со текот на времето не останало ништо цело, зачувани се само некои видливи остатоци. Затоа е богато археолошко наоѓалиште. Наводно, таму е најдена плоча на која пишувало дека таму бил закопан самиот цар по трагичната судбина со ослепувањето на неговите 100 илјади војници во битката кај Беласица. На островот, во тој период, често заседавал и носел одлуки Синодот на Охридската архиепископија, иако седиштето на архиепископијата било во не толку далечниот Охрид.
За овој дел вреди да се спомене нешто и од поновата историја. Тогашна СФР Југославија и Република Грција, кон крајот на шеесеттите години од минатиот век имаа потпишано билатерален договор за отворање нов граничен премин во Долна Преспа. Во рамките на тој договор Република Македонија на почетокот на седумдесеттите години изгради убав, широк, магистрален пат од селото Асамати до Маркова Нога, а преку него требаше да се спојуваат полесно со Грција граѓаните на Ресен, Охрид и на Струга. Југославија (Македонија, чиј интерес беше тој пат) го исполни својот дел од договорот. Грците, до денес, своите преземени обврски од договорот не ги извршиле. Од нивната страна нема ни пат, ни премин. Нема ниту голема заинтересираност да се зачуваат водите на Преспанско Езеро, кое за дваесетина години е сведено на половина мерено по кубик вода, ниту пак да се зачуваат богатството птици, животни и ретки растенија. Иако такви договори постојат и за нив се добиваат грантови, тие како што се добиваат така и исчезнуваат.
Сите наведени примери ни покажуваат дека кога станува збор за Грција, добрата волја, убавите зборови, најавените ветувања, речиси никогаш не се покриени и со добри, вистински дела.