Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува до крај на септември или почеток на октомври да биде завршен автопатот Миладиновци-Штип, со евентуално мало пролонгирање за помали работи, а до крајот на месецов во Собранието да биде доставен и законот за анекс договорот за автопатот Кичево-Охрид.
– Очекувам градежните активности согласно рокот за изградба на автопатот Миладиновци Штип да бидат завршени до крајот на септември-почетокот на октомври. Евентуално би останале одредени помали работи како што е поставување знаци кои можеби ситно би го продолжиле рокот, изјави денеска Сугарекси, при посетата на општина Кисела Вида.
Сугарески дополни дека анекс договорот со кинески „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид во наредните денови треба да помине на владина седница по што до крај на месецов ќе се достави во Собранието.
– Наредните денови ќе биде на владина седница за да ги ослободиме тие 230 милиони евра и да може да се интензивираат сите работи кои се подзаостанати во делот на Кичево-Охрид бидејќи согласно постоечкиот договор не можеа од сите ставки да се користат средства без оглед дали станува збор за ископување, асфалтирање или нешто друго, појасни Сугарески.
Тој дополни дека интензивно се работи на изградба на експресните патишта Ранковце-Крива Паланка и Градско-Прилеп, а завршени се голем број реконструкции на патишта и тендерски постапки за активности на патните правци кои би почнале од крајот на месецов.
Како што информира Сугарески, со пренемена или со евентуален ребаланс ќе се обезбедат парите што и се потребни на МЖ Инфраструктура за исплата на побарувањата по основ на експропријација за изградба на пругата кон Бугарија.
– Имаме сериозно интензивирање на градежната активност и во делот на изградбата на државните патишта, железницата, водоводните и канализациските мрежи за кои имаме сериозен процент на реалзиација на капитални иунвестиции. Очекувам дополнително да биде инвестирано и во третиот и во четвртиот квартал оваа година. Очекувам третиот, а особено четвртиот квартал кога ќе дојде плаќањето на сите тие работи да имаме сериозно зголемување, а со тоа и на економскиот раст, изјави Сугарески.лв/са/ 14:42