Договорот за соработка што го потпишавме со шесте големи компании, „Макстил“, „Ванхол“, „Арцерол Митал“, цементарницата „Усје“, „Раде Кончар“ и „Виталија“, е голем успех за стопанството, за учениците и нивните семејства, за целото општество, вели директорот Пејовски
Педесет и седум од 80 ученици што од септември ќе изберат да учат според наставната програма на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје, по завршувањето на тригодишното образование, ќе имаат загарантирано вработување. Ова им го овозможува соработката меѓу СЕТУ „Михајло Пупин“ и шесте успешни компании: „Макстил“, „Ванхол“, „Арцерол Митал“, цементарницата „Усје“, „Раде Кончар“ и „Виталија“, која неодамна ја официјализираа со потпишување меморандум за соработка. Нивните претставници изразија благодарност за тоа што им се овозможува полесно да обезбедат потребен кадар за нивните бизниси преку ученици што ќе работат според наставна програма приспособена за потребите на компаниите.
Според директорот на СЕТУ „Михајло Пупин“, м-р Ефтим Пејовски, стручното образование и стопанството треба континуирано да се во спрега, а не да егзистираат како паралелни светови.
– Договорот за соработка што го потпишавме со шесте големи компании е голем успех за стопанството, за учениците и нивните семејства, за целото општество. Наша цел е стручното образование и стопанството да не живеат во паралелни светови, бидејќи природно е тие да функционираат заедно. Првата проверка за успешноста на проектот ќе биде скорашниот упис на нови ученици во нашето училиште. Ваквите акции треба да ги поддржиме сите и да им овозможиме на младите да останат во Македонија, а ова дуално образование да се вгради во сите пори на едукацијата. Но не според принципот копи-пејст, бидејќи нам не ни треба дуално образование како она во Германија и во Швајцарија, туку тоа треба да се адаптира сообразно нашите услови – посочи Пејовски.
За да ја реализира оваа идеја тој до претставниците на компаниите упатил две прашања: колку деца можат да примат за практична обука и колку потоа можат да вработат.
– Кога ја повлековме цртата, рекоа 80 ќе примат на практика, а 57 ќе бидат вдомени. А сигурен сум дека и за оние 23 што остануваат исто така нема да има проблем, бидејќи тврдам дека сите ќе имаат знаења, умеења и вештини, со кои ќе можат да се вработат во секоја фирма каде што има потреба од електричар, со тоа што ќе имаат самодоверба и ќе бидат квалитетни работници и претприемачи – вели тој.
Директорот Пејовски дополни дека овој проект е резултат на неговиот долгогодишен ангажман и на продолжувањето на традицијата на ова училиште, кое е формирано во 1950-тите години под името „Коце Металец“, а првата генерација што завршува во 1956-1957 година се вработува во стопанството.
– Многу кадри оттука излезени го носеа на своите плеќи стопанството на нашата земја. Затоа не ни е сеедно што се случува со нашето училиште, бидејќи негова главна одлика е квалитетниот наставен кадар што умее да се носи со предизвиците во услови на брз технолошки развој, а електрониката денес најбрзо напредува – подвлече Пејовски.
Тој уште како професор во ова училиште креирал лабораторија за електрични мерења и промовирал соработка со стопанството.
– Првата соработка се случи во 1995-1956 г., кога излеговме на пазарот со нудење услуги, како одредена финансиска понуда. Работевме во делот на контрола на електричните инсталации и ги следевме новините што се бараат на пазарот на трудот. Јас предавав Технологија на занимање за електроинсталатер и монтер и Електрични мерења и вложив напори да се оформи кабинет по Електрични мерења. Во меѓувреме, со цел да се надмине навиката учениците на практика да цртаат табели и шеми, јас како автор подготвив прирачник за лабораториски вежби по Електрични мерења, што го издаде „Просветно дело“, и учебници по истиот предмет, во втора година, како и учебник по Електрични мерења во трета година. Тогаш соработував со стручњакот Цветан Габровски, со кого смислата на мерењата ја спуштивме на разбирливо ниво – објасни директорот Пејовски, кој на оваа функција е од 2003 година. Веднаш по стапувањето на должност тој укажал на проблемите што мора да се решат, од кои првиот бил да се понуди настава, која ќе значи давање знаења со употребна вредност.
Инаку, неодамна во училиштето се одржаа натпреварите по физика „Денови на електротехника“, а се натпреваруваа ученици од деветто одделение, во екипи од по тројца ученици.
– Целта беше да се покаже училиштето и да се поттикнат учениците да се запишат тука. Бидејќи, доколку ние се претставуваме како училиште што нуди перспектива за младите луѓе и ако предизвикаме интерес за нашето училиште, тогаш ја обезбедуваме и нашата иднина и, секако, иднината на младите и амбициозни ученици, за кои се надеваме дека од година во година ќе ги има сѐ повеќе – подвлече м-р Ефтим Пејовски.
Макстил“ донира мерен центар за учениците
Меѓу шесте компании со кои неодамна е потпишан договорот е и „Макстил“, со кого веќе е воспоставена и конкретна соработка.
– На наше големо задоволство веќе имавме една активност со „Макстил“. Од сите компании само „Макстил“ досега ни донира нешто корисно во училницата – мерен центар за секоја работна маса, што ќе се користи на вежби. Сега ни треба и добра обука за наставниците и се надевам дека и тоа ќе придонесе децата уште повеќе да ја засакаат електротехничката струка – ни рече директорот Пејовски.