Да се пишува за системот за наводнување „Стрежево“ во Битола, во моментот кога поради поројните дождови Пелагонија и нивите во Битолско буквално се дават во вода, а земјоделците ги проценуваат штетите што ги претрпеа од поплавите, некои ќе речат дека е промашена тема. Но вработените во „Стрежево“ не мислат така, а и најголемиот број земјоделци од Битолско, кои, како што велат, искуството ги учи дека сушите траат многу подолго од дождовите во Битолско.
И додека овие денови, кога земјоделските површини во Битолско буквално „пливаат“ во вода и кога голем немир се всели кај најголемиот број земјоделци од поплавите, од „Стрежево“ уверуваат дека ова лето земјоделците од Битолско можат да бидат мирни и спокојни кога е во прашање наводнувањето на земјоделските површини.
– Јавното претпријатие „Стрежево“ од Битола е целосно подготвено за сезоната за наводнување. Во акумулацијата на „Стрежево“ во моментот се акумулирани вкупно 105.000.000 кубни метри вода, што е гаранција дека во летниот период ЈП „Стрежево“ од стрежевското езеро ќе може да ги задоволи потребите не само за наводнување на површините на ЗК „Пелагонија“, кои се опфатени со системот, туку и на сите индивидуални земјоделци, индустријата, а ќе има доволни количества вода и за евентуалните потреби на ЈКП „Водовод“ за снабдување на градот со вода за пиење.
Ова го тврди првиот човек на ЈП „Стрежево“ од Битола, Менде Граматковски. Причина повеќе за задоволство и радост на земјоделците, покрај обезбедените доволни количества вода, е и тоа што цената на водата за наводнување останува иста како и минатата година и нема да има никакво покачување.
– Благодарение на доброто, економично и рационално работење, кое ни донесе заштеди од над осум милиони денари, јавното претпријатие „Стрежево“ во изминатиот период оствари доста добри резултати, кои ни овозможуваат да не ја покачуваме цената на водата за наводнување и со истата цена, како и минатата година, да бележиме позитивни резултати – вели директорот на „Стрежево“, Менде Граматковски.
Тоа што особено го релаксира работењето на „Стрежево“ е што во изминатиот период целосно е санирано свлечиштето што во 2015 година се појави над селото Драгарина и кое нецели три години го отежнуваше нормалното снабдување со вода, не само на земјоделците туку и на РЕК „Битола“ и на градот.
– Тоа ќе овозможи по главниот канал да се испорачуваат максимални количества вода до сите корисници – велат во „Стрежево“.
Инаку, покрај максималната подготвеност за непречено снабдување со вода на сите корисници во „Стрежево“, во изминатиот период со полн капацитет работеа и петте хидроцентрали, кои произвеле електрична енергија меѓу 7.000.000 и 8.000.000 киловат-часа.
Добрите резултати во производство на електрична енергија и исплатливоста ги натераа луѓето од „Стрежево“ во своите развојни краткорочни и долгорочни планови да предвидуваат изградба на фотоволтаични централи.
За нивната изградба ова јавно претпријатие нема да користи никакви банкарски кредити, туку тие инвестиции планира да ги реализира со сопствени средства.
– Од производството на петте хидроцентрали и од продажбата на произведената електрична енергија од хидроцентралите, како и добрите цени, кои во однос на минатата година се повисоки за 38 отсто по киловат-час електрична енергија, ние успеавме да создадеме „акумулација“ на средства што планираме повторно да ги вложиме во изградбата на фотоволтаични централи – вели првиот човек на „Стрежево“, Граматковски.