ИДНАТА ГОДИНА ИЗБОРИ ВО АЛБАНИЈА, ЦРНА ГОРА, СРБИЈА И ВО МАКЕДОНИЈА
Во анализата на „Јуропиан Вестерн Балканс“ за случувањата во регионот во изминатата година, како појдовна точка за очекувањата во наредната, се констатира дека 2019 година започна со силни антивладини протести што ги потресоа Албанија, Црна Гора и Србија, а завршува со претежно неуспешни разговори меѓу владата и опозицијата за изборните услови во сите три земји. Во анализа не е вклучена Македонија, но многу лесно граѓаните на нашата држава можат да ги препознаат истите „симптоматични предизвици“, кои упатуваат на потенцијална криза во предизборието или изборните процеси, како во земјите од соседството.
Во годинава што се наближува кон крајот, опозициската Демократска партија на Албанија реши да ги бојкотира локалните избори во јуни, откако во февруари го напушти парламентот. Во Србија се актуелни случувањата во врска со бојкотот на парламентот и на општите избори напролет во 2020 година, барањата за техничка влада и најмалку девет месеци непристрасно покривање на медиумите и отсуство на притисок врз гласачите.Ситуацијата во Албанија, Црна Гора и Србија се одвива многу слично. И покрај тоа што процесите на изборните реформи се во тек во сите три земји од Западен Балкан, тие се дополнително обременети од недостигот од доверба меѓу владата и опозицијата, што резултира во голем број неуспеси и одложувања.
Сепак, недостигот од доверба меѓу актерите е огромен во сите три земји од Западен Балкан. Колку е слична ситуацијата во секоја од нив, покажува фактот дека ниту еден од избраните претставници на владата во разговорите не ужива доверба од опозицијата. Од друга страна, според индексот за слобода во светот на „Фридом хаус“, ниту една од овие наши соседни земји не се смета за „слободна“.
Слично како и соседите, и Македонија влезе во своевидна сопствена „изборна криза“, уште веднаш откако беше постигнат меѓупартиски договор во октомври, за предвремени парламентарни избори, во април 2020 година. Различни мислења, но и несогласувања кај македонските политички чинители има по редица прашања, меѓу кои и промените во изборниот модел за изборите во април.
Според актуелниот закон за избори, од 3 јануари 2020 треба да започне да функционира техничка влада, што ќе значи почеток на подготовка за избори. Но до последен момент никој од партиите не се откажува од своите позиции во врска со Изборниот законик, односно промената на изборниот модел. Во меѓувреме премиерот Заев истакна дека нема да даде оставка за да може да започне да функционира техничката влада, доколку не се донесат суштински закони во интерес на граѓаните. Опозицијата на ова возврати со предупредувања за политичка криза и излегување на народот на улица, што претставува своевидно приближување кон општиот западнобалкански политички пејзаж, во кој доминира стравувањата од електоралната криза.
– Изборите што се очекуваат на Балканот во 2020 година, секаде на свој начин претставуваат одреден предизвик. Сепак, најизразени може да бидат кризите во Албанија и во Македонија. Во Албанија е позната конфронтацијата меѓу двете водечки партии и тоа сигурно ќе предизвика сериозни проблеми. Кај нас пак, во Македонија, најавите дека може да се одложат изборите секако ќе значат длабока политичка криза. Да се надеваме дека нема да дојде до тоа. Меѓутоа, и без одложување, ситуацијата во земјава ќе биде и натаму неизвесна и со многу ризици. Според сите најави, не може да се очекува уверлива победа на изборите на некоја од партиите, а тоа значи дека судбината ќе ни ја кројат албанските партии, што ќе биде рамно на катастрофа – оценува Ристо Никовски, македонскиот дипломат и познавач на регионалните политички процеси.
За тоа во кој правец ќе тргнат работите во однос на техничката влада и изборите веројатно ќе биде појасно по лидерската средба најавена овој викенд.