Претседателот, Стево Пендаровски, ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими, постхумно, и Живко Мукаетов со Орден за заслуги за државата.
Горан Стефановски постхумно се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и во осовременувањето на книжевното културно наследство, за втемелување, развој и промоција на современите културни и уметнички вредности во земјата и меѓународно, за развојот на македонското драмско творештво и за воспоставување на основите на новите драматуршки форми во македонската книжевност, за збогатување и негување на македонскиот јазик и за воспоставување на новите модели во образовната и педагошката сфера.
Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми.
Ремзи Несими постхумно се одликува за неповторлив и траен придонес во филолошките науки од областа на дијалектологијата и промовирањето на јазичното богатство, за промоција, лингвистички развој и вкотвување на значењето на албанологијата во Македонија и во светот воопшто, за исклучителна научна дејност која придонесува за обликувањето на стандардниот албански јазик.
Живко Мукаетов се одликува за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите кои ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека четворицата носители на одликувањето имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.
– Со ова заедничко доделување на Орден за заслуги за Република Северна Македонија за Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов, како што рече претседателот Пендаровски, сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани – рече Пендаровски.