Утрово почна пописот на населението, домаќинствата и становите. Пописот ќе трае до 30 септември, кога ќе заврши и пописот на дијаспората што почна на 1 март.
Надлежните потенцираат дека статистичката операција ќе биде безбедна, со оглед на тоа што се одржува во време на пандемија од ковид-19.
Премиерот Зоран Заев истакна дека по 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните.
– За оваа операција да биде успешна покрај професионалноста на вработените во Државниот завод за статистика и ангажираните инструктори и попишувачи, неопходна е соработката од сите граѓани. Затоа ве повикувам да бидете партнер во овој процес, затоа што само на овој начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата ќе можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија – рече Заев.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, по повод почетокот на теренскиот дел од пописот, кажа дека ова претствавува најважната статистичка операција спроведена од осамостојувањето до сега.
– Попис не е спроведен речиси 20 години. Ваквата состојба едноставно повеќе е неодржлива и тоа не смееме да го толерираме. Државите членки на Обединетите Нации се обврзани да спроведуваат попис, но можеби уште поважно, тоа е обврска која ја имаме кон државата и пред се кон граѓаните – кажа Маричиќ и додаде дека пописот ќе биде спроведен безбедно, почитувајќи ги највисоките стандарди за спречување на ширењето на ковид-19.
Маричиќ на Државниот завод на статистика му посака успешна работа, а на попишувачите на терен им се заблагодари за трудот, посветеноста и придонесот за овој статистички процес.