Стартува летен режим за движење на камионите по патиштата кога се екстремно високи температурите. Времениот режим на сообраќај во летниот период започна со примена од 1 јули, а ќе трае до 31 август, на државните патишта со што се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 15 тони за време на викендите и за денови при екстремно високи температури. Тој важи за временските интервали в петок: 17 – 22 часот; сабота: 9 – 18 часот и в недела: 9 – 22 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11 до 17 часот. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Започна со примена и времениот режим на сообраќај во летниот период од 1 јули до 1 септември на магистрален пат А2 делница: Скопје-Охрид-Скопје со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите. Временските интервали се следни: петок: 15 – 22 часот, сабота: 7 – 12 и 18 – 24 часот и недела: 7 – 22 часот. Овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото со цел избегнување на застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во Република Македонија, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.