Законот, со кој старото јадро на Битола е прогласено за културно наследство, ги кочи вложувањата не само на општината туку и на некои приватни инвеститори
Кога во јули 2015 година по иницијатива од Елизабета Канчевска-Милевска и од Владимир Талески, тогашните министерка за култура и градоначалник, во Собранието беше поднесен предлог-закон старото градско јадро на Битола да биде прогласено за културно наследство од особено значење, постапката беше проследена со речиси целосно одобрување. Се очекуваше дека со тоа ќе се спречи натамошното уништување на старата битолска архитектура како и на другите споменици и споменични обележја, кои се опфатени во старото градско јадро, и дека со вложувањата во реставрацијата ќе се придонесе за далеку побрз и подинамичен развој на туризмот во градот под Пелистер.
Дека намерите на тогашната министерката беа сериозни се потврди набрзо, кога почна реализацијата на проектите за обнова и конзервација на фасадите со автентична стара градска архитектура на државното музичко училиште, гимназијата и на безистенот. Две години подоцна, во Собранието беше донесен и законот. Но иако се мислеше дека со неговото донесување ќе биде заштитено старото градско јадро, сепак тоа во најголем дел беше оставено на пропаѓање и руинирање, а старата битолска архитектура ,освен на Широк сокак, единствено живее во цртежите на младите ликовни уметници на детското ликовно студио „Кирил Методиј“ и во творбите на учесниците на „Малиот битолски Монмартр“, кои секоја година творат на темата „Старата архитектура на Битола“.
Денес Битола е град со голем број објекти со големо историско значење, кои се подложни на (про)паѓање. Некои од нив дури претставуваат опасност за гаѓаните, бидејќи можат да се срушат секој момент, а никој не ги заштитува. Законот за прогласување на старото градско јадро во Битола за културно наследство од особено значење, практично не заживеа, а новата локална власт во Битола сега уверува дека овој закон, кој го донела претходната власт, наместо корист ѝ донел доста штета на Битола.
Деновиве тоа го потврди и градоначалничката Наташа Петровска, која отворено и без никакво заобиколување на брифингот со новинарите истакна дека токму поради тој закон во Битола голем број од проектите за инфраструктурни вложувања многу бавно се изведуваат. Дури, како што нагласи таа, законот, со кој старото јадро на Битола е прогласено за културно наследство, ги кочи вложувањата не само на општината туку и на некои приватни инвеститори.
Со оглед на тоа што станува збор за законски решенија со кои се штити старото градско јадро од секоја интервенција, потребно е да се извадат голем број дозволи, решенија или одобренија, за што понекогаш се потребни дури месеци па и години.
– А сето тоа нѐ исцрпува и нас и тие што сакаат да вложат – истакнува, градоначалничката Петровска, според која, таквите пречки можат да се надминат со измени на законот.
Дека тоа е така најдобра потврда се проблемите што се појавиле во Битола при интервенциите на булеварот Први мај, улицата Широк сокак, на Офицерскиот дом и на многу други објекти и делови на Битола, кои се опфатени со тој закон.
Но за разлика од градските власти, кои при секоја интервенција во старото јадро на Битола мораат да ги почитуваат сите законски прописи и решенија, голем број битолски моќници не губат време, туку откако за малку пари ќе купат некои објекти, со откривање на покривите ги оставаат намерно да прокиснуваат и ги рушат, за на тие локации подоцна да изградат нови куќи или згради, во сосема поинаков стил, кој малку има врска со старата битолска архитектура.
Се разбира, таквите интервенции се подложни на кривично гонење, но досега за тоа никој во Битола не одговарал. Исклучок е еден бизнисмен, кој поради тоа што наводно не ги почитувал законските прописи при градбата на неговиот објект на Широк сокак, мораше да одлежи неколку месеци затвор.
Но прашање е дали и тој ќе одговараше пред законот доколку не дојдеше во спор со судија во битолскиот суд, кој беше негов прв сосед и кој кривично го гонеше. Инаку, старото градско јадро го стекнало статусот на споменик на културата во согласност со Законот за заштита на спомениците на културата од 1973 година и со решение на Заводот за заштита на спомениците на културата – Битола, во 1977 година.
Како споменик на културата, чие својство било утврдено со решение на надлежниот завод за заштита на спомениците на културата, старото градско јадро на Битола, подоцна го доби статусот културно наследство, термин што беше признаен како таков со Законот за заштита на културното наследство.