Таа ни оддалеку веќе не потсетува на чаршијата од минатото, кога беше прочуена по големиот број занаетчиски и трговски дуќани, леблебиџилници, слаткарници, чајџилници, ресторанчиња, ќебапчилници…
Спуштени кепенци, затворени врати, дуќани на продажба и на изнајмување, пусти улици… Тоа е сликата во Старата битолска чаршија, која може да се забележи во овие топли јунски денови. Еден од ретките што може да се затекнат во чаршијата е познатиот битолски угостител Добре, кој со децении има гостилница тука, но и тој уште во раните вечерни часови како да брза да ја затвори. На нашето прашање зошто толку многу брзо затвора, нашиот соговорник Добре одговори дека, иако работното време му е до 22 часот, сепак тој секогаш затвора по 17 ч., затоа што по тој период не само што во чаршијата нема човек ни со борина да најдеш туку е и опасно да бидеш отворен, зашто лесно можеш да настрадаш од бездомниците и наркоманите, кои во тој период се најчести посетители на чаршијата. Притоа тој нѐ упати да погледнеме зад неговиот ресторан, во еден напуштен дуќан, да снимиме колку само шприцеви има.
И навистина, кога го посетивме тој дел од чаршијата, имавме што да видиме. Расфрлани голем број шприцеви, празни шишиња од пиво и од други пијалаци…
– Во овој дуќан најчести гости се бездомниците и наркоманите, кои откако ќе се затворат дуќаните, тука уживаат во своите сеанси – ни вели угостителот Добре.
Слично како и Добре ни раскажа и друг угостител, кој има ресторан покрај реката Драгор и кој ги замолуваше гостите на едната маса, уште додека си го допиваа пивото, да си одат, бидејќи тој мора да затвори.
– Чаршијата во Битола е отворена до 17 часот. По тој период не само што не се исплаќа да бидеш отворен и да работиш туку е и опасно, бидејќи не знаеш какви „гости“ ќе налетаат и што можат да ти направат – ни вели вториот наш соговорник.
И покрај тоа што битолската чаршија со својата архитектура и градба по многу нешта потсетува на белградска „Скадарлија“, таа од ден на ден сѐ побрзо пропаѓа. Старата битолска чаршија одамна во целост го смени својот лик. Таа ни оддалеку веќе не потсетува на чаршијата од минатото, кога беше прочуена по големиот број занаетчиски и трговски дуќани, леблебиџилници, продавници на текстил, каде што можеше да се купи облека по светска мода, слаткарници, чајџилници, ресторанчиња, ќебапчилници…
Денес главно занаетчиските дуќани исчезнаа и во чаршијата доминираат дуќани за продажба на кинеска стока, текстил, адвокатски канцеларии, менувачници… Стариот шнајдер Јанко, кој е еден од ретките шнајдери што останаа да работат во чаршијата, со голема разочараност зборува за својата мака.
– Чаршијата одамна не е тоа што беше. Таа полека изумира и нема да помине многу долг период кога на најголемиот број дуќани луѓето ќе им стават катанци, бидејќи е неисплатливо да се работи – ни вели Јанко, кој со своите над 75 години сѐ уште не се откажува од иглата и од неговата машина за шиење „сингер“, иако, како што вели, доколку не му е хармониката во дуќанот, тој не би знаел што да работи.
– Што се однесува до мене, јас не би требало да се жалам, зашто постојано имам „муштерии“, но не за порачки, туку за муабет. Доколку немам работа или „гости“, тука е хармониката, инаку мојата голема љубов, и си ги свирам моите стари песни, со кои се подмладувам и ја оживувам чаршијата – раскажува Јанко.
Инаку, кога станува збор за Старата битолска чаршија, голем број дуќани, со Законот за денационализација, им се вратени на Исламската верска заедница (ИВЗ) и на Еврејската заедница и се издаваат под кирија. Иако кириите не се високи за наши услови, сепак голем број од нив се празни и затворени.