Од денеска стапува во сила новиот закон за Јавното обвинителство, кој беше донесен пред распуштањето на парламентот. Со тоа, престанува важноста на Законот за специјалното јавно обвинителство, каде вчера вработените го имаа својот последен работен ден и се збогуваа со оваа институција.
Со новиот закон се гарантира дека постапките покренати од поранешното Специјалното јавно обвинителство продолжуваат. Според законот, предметите од надлежност на СЈО, кои, пак, се преземени од јавниот обвинител Љубомир Јовески, се распоредуваат по јавните обвинителства за натамошно гонење. Согласно членот 110, незаконски прислушуваните разговори нема да можат да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО.
Аудиозаписите и транскриптите од бомбите за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог, односно тие не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката.
Меѓу другото, со примената на новиот закон за ЈО, Советот на јавните обвинители ќе треба да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Законот предвидува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, да постапува и за најтешките кривични дела како што се перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тероризам, злоупотреба на постапката за јавен повик, како и за кривични дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Најголем дел од предметите покренати од СЈО во себе содржат сомневања дека обвинетите ги сториле овие кривични дела.